Вчера Обама кажа дека нема мир „по кратска постапка“ за Блискиот исток. Тој рече дека мир нема да дојде преку „соопштенија и резолуции на ОН“ туку преку директни преговори меѓу Израелците и Палестинците.
„На крајот, тоа се Израелците и Палестинците, а не ние, кои мора да постигнат договор по прашања што ги делат; за границите и безбедноста, за бегалците и за Ерусалим. Секоја страна има легитимни аспирации и тоа е делот што прави да е тешко постигнување мир, и може да се напредне само ако секоја од страните научи што значи да се биде во кожата на другиот“, рече Обама.
Претставници на Белата куќа кажаа дека Обама го предупредил претседателот Абас доцна синоќа во Њујорк дека САД ќе стават вето на секоја резолуција на Советот за безбедност што бара признавање на палестинска државност.
На средба претходно со претседателот Обама израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху го поздравил американското ветување за блокирање на обидот на Палестинците за прогласување држава.
„Мислам дека стоење на своето, земајќи ваков принципиелен став, што мислам дека е исправен, е беџ на честа и сакам да ви заблагодарам што го носите тој беџ на честа. Се надевам дека другите ќе го следат вашиот пример“, рече Нетанјаху.
Високи палестински претставници велат дека барањето на полноправно членство нема да биде забавено и тие ветија дека ќе отфрлат секакво „политичко маневрирање“ по прашањето. Но тие рекоа дека на Советот за безбедност ќе му дадат малку време за проучување на нивната апликација пред да ја однесат пред Генералното собрание на ОН Набел Шаат, советник на претседателот Абас вака тоа го изрази:
„Ние бараме меѓународна поддршка и затоа дојдовме во ОН. Не бараме да се приклучиме на Мафијата, или на ал-Каида, ниту пак на невладина организација. Сакаме да влеземе во ОН, за кои Обама денеска зборуваше со голема почит“.
Францускиот претседател, кој зборуваше по претседателот Обама – има различен од американскиот став. Тој поддржува статус на набљудувач за Палестинците додека траат преговорите со Израел со цврсти рокови. САД немаат право на вето во Генералното собрание, а таму Палестинците уживаат голема поддршка.