Светската програма за храна на ОН во среда треба да почне со итна акција на доставување храна по воздушен пат во регионот погоден од суша на Рогот на Африка.
Директорот на агенцијата Џосет Ширан за Гласот на Америка кажа дека првите летови ќе бидат упатени кон сомалискиот главен град, Могадишу. Дополнителни авиони се очекува да пренесат храна до источна Етиопија и северна Кенија, близу до сомалиската граница.
Во среда ОН планираат да одржат донаторска конференција во кенискиот главен град Најроби со цел да се соберат 1,6 милијарди долари за борба против гладта во текот на следните 12 месеци.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун зборуваше во вторник со лидерите на четири држави од Персискиот залив, поттикнувајќи ги да ветат поголема помош за „хуманитарната криза што се влошува“. Ширан кажа дека саудискиот крал Абдула неодамна ветил дополнителни 50 милиони долари во помош во храна.
Претставници на ОН кажаа дека повеќе од 11 милиони луѓе имаат итна потреба од помош. Ширан кажа дека во Сомалија, околу една третина од населението е соочено со прегладнување, и дека луѓето раскажуваат дека морале да ги напуштат членовите на нивните семејства кои биле на умирање за да заминат во кампови за бегалци и разместени лица, за помош.