Напади со руски беспилотни летала во текот на ноќта погодиле повеќе украински региони и повредиле најмалку шест лица, соопштија официјални лица денес.
Во областа Одеса во јужна Украина, гувернерот Олег Кипер изјави дека руските сили нападнале во текот на ноќта со беспилотни летала и проектили, при што биле повредени најмалку четири лица.
Остатоците од дроновите уништени од украинската противвоздушна одбрана оштетиле четири станбени згради и пет куќи, како и еден магацин за жито, изјави Кипер на Телеграм.
Гувернерот на Харков Олег Синиехубов, на Телеграм изјави дека при паѓање на остатоци од беспилотни летала повредени биле најмалку две лица, и биле уништени неколку домови и оштетени најмалку пет други.
Официјални лица во Чернихив изјавија дека нападите со руски беспилотни летала оштетиле куќи и помошни згради, но не повредиле никого.
Гувернерот на Миколаив Виталиј Ким, рече дека противвоздушната одбрана уништила два дрона над неговиот регион, додека официјалните лица во Суми известија дека војската соборила четири беспилотни летала.
Руското министерство за одбрана денес соопшти дека соборило пет украински беспилотни летала над регионот Смоленск.
Гувернерот на Смоленск Василиј Анохин, на Телеграм изјави дека нема извештаи за штети или жртви.
Гувернерот на Брајанск Александар Богомаз, рече дека руската противвоздушна одбрана соборила едно украинско беспилотно летало над неговиот регион, а нема информации за штета.
Одредени информации во текстот се од Ројтерс