Линкови за пристапност

Украинскиот приватен сектор забрзано произведува воени дронови


Пред војната Украина имала седум капацитети за производство на дронови, а денес има повеќе од 200
Пред војната Украина имала седум капацитети за производство на дронови, а денес има повеќе од 200

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, се зголеми производството на беспилотни летала во државата. Украинските бизниси производството го префрлија на опрема за новото време – во војна. Од Киев известува Мирослава Гонгадзе.

Пред војната, компанијата на Дмитро Ковалчук произведуваше мебел. Компанијата е регистрирана во Украина, Велика Британија и САД и е специјализирана за опремување хотели низ светот.

По руската инвазија, тој основаше нова компанија Warbirds. Новата компанија има повеќе од 100 вработени преку која се произведуваат дронови – и се обучуваат операторите како да управуваат дрон на првата борбена линија.

Ковалчук вели дека пред војната Украина имала седум капацитети за производство на дронови, а денес има повеќе од 200.

„Среќа е што половина година од војната, владата одлучи да не се меша во приватниот сектор“, вели Ковалчук.

Тој вели дека рационализацијата на регулативите помогнала побрзо да се добие опрема.

„До 2022 година, беа потребни две години за да се започне со испорака на производи за војска. Сега, процедурата трае околу еден месец“, додава Ковалчук.

Инженерот Олександр Шевченко, кој е украински и британски државјанин, се вратил во Украина неколку дена пред војната. Тој вели дека негова била одлука да остане во државата и да придонесе - прво со ушравување дронови на првата борбена линија, а сега и со нивно производство.

„Сè започна со рекреативно летање дронови. Дима заедно со уште неколку одлучија за фабриката, прво правеа дронови за надзор. Почнавме да ги градиме минатото лето, тогаш произведувавме меѓу два и три неделно, а сега неделно правиме 34“, посочува Шевченко.

Украина, според Шевченко, нема доволно работна сила за да води долготрајна војна, а напредната технологија е решение за да се дојде до победа во војната.

„Одлучноста да се подобриме со нашите проекти, создаваат нови активности во војаната, нови дронови, борби на вода, во воздух и на терен. Ова е единствениот начин“, додава Шевченко.

Пред војната, компанијата на Влад Криклиј произведуваше системи за безбедност за живеалишта. Сега, дронови кои користат вештачка интелигенција и други напредни технологии.

„Нашиот систем е уникатен зашто нашите беспилотни летала, кога ќе одберете одреден таргет, би работеле сами, па можеме да ги наречеме ‘терминатори’ кои работат сами“, вели Криклиј.

Инженерите на неговата компанија развиваат нова генерација на дронови кои не само што откриваат и напаѓаат цели, туку помагаат и во цивилните потреби, како што е скенирање на територијата за идно деминирање.

Во услови на војна, украинските производители на дронови имаат краток пат од развој на технологија за беспилотни летала до нивно распоредување на првата борбена линија. Инструкторот и оператор на дрон, Олексиј, кој не го кажа своето презиме од безбедносни причини, вели дека и покрај негативните ефекти војната го поттикнува развојот на технологијата во Украина.

„Ние сме во војна, а дроновите се барани, па затоа треба да ја исполниме побарувачката или да се откажеме. Тоа што е важно е дека можеме да ги тестираме во вистинска воена средина. Имаме фокус групи на првата борбена линија. Тие го тестираат нашиот производ, а ние добиваме повратни информации“, вели Олексиј.

Тој вели дека откажувањето од Украина не е опција и нагласи дека напредувањето со технологијата е единствениот начин да се победи во војната.

XS
SM
MD
LG