Линкови за пристапност

САД загрижени за влегувањето на рускиот конвој во Украина


Прекршување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, коментира Пентагон. Москва, пак, реагира дека не треба да се попречува нешто што е исклучиво хуманитарна мисија.

САД изразија загриженост за влегувањето на рускиот конвој со хуманитарна помош во источна Украина, без официјално одобрение од украинската влада.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби коментираше дека потегот е прекршување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет и дека Русија не може да го употребува хуманитарниот конвој како изговор за неовластено минување на границата.

Кирби процени дека 10.000 руски војници на границата со Украина „се мошне подготвени, способни и мобилни“ додека расте напнатоста.

И НАТО и Европската унија изразија загриженост.

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен рече дека рускиот потег е „директна инвазија“ во украинска територија и дека тоа само може да ја продлабочи кризата во регионот. Расмусен тврди дека руската армија внела артилериски единици на украинска теиторија и дека ги користи за гранатирање на украинските сили.

Според ЕУ, Русија направила „очигледно прекршување“ на украинската граница и ја повика Москва да ја преиначи одлуката.

Украинскиот претседател Петро Порошенко ја обвини Русија дека го крши меѓународното право и дека потегот е рамен на директна инвазија, но дека Украина нема да изврши воздушни напади врз конвојот.

Првите камиони од рускиот конвој денес пристигнаа во градот Луганск, носејќи вода, храна и други нешта за реселените лица што го минуваат времето во засолништа од воздушни напади. Конвојот од 200 возила со денови чекаше на границата. Москва денес соопшти дека повеќе не може да чека на одобрение од Киев за влез на возилата.

Украина и сојузниците стравуваат дека Русија би можела да ги употреби камионите за да внесе оружје за проруските сепаратисти во Украина, или пак да го искористи конвојот како увертира за целосна армиска операција.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека нема да го придружува конвојот во Украина бидејќи не добил безбедносни гаранции од сите страни вклучени во судирот. Портпаролка соопшти дека Црвениот крст успеал да изврши инспекција на само десетици камиони пред тој да влезе во Украина.

Портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија денес кажа дека не треба да се попречува нешто што е исклучиво хуманитарна мисија, однапред добро подготвена, со целосна транспарентност и во координација со Украина и Црвениот крст.

XS
SM
MD
LG