Линкови за пристапност

Ештон: Украина планира да го потпише договорот со ЕУ


Украинскиот претседател Виктор Јанукович и шефицата за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон
Украинскиот претседател Виктор Јанукович и шефицата за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон

Вели дека со тоа ќе бидат ублажени краткорочните економски и финансиски проблеми со кои се соочува земјата.

Шефицата за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон вели дека претседателот на Украина Виктор Јанукович има намера да го потпише договорот за трговија и соработка што го одби минатиот месец, а што предизвика масовни противвладини протести во земјата.

Говорејќи за средбата со Јанукович во Киев, Ештон денеска во Брисел кажа дека е јасно дека краткорочните економски и финансиски проблеми со кои се соочува Украина ќе бидат ублажени со потпишувањето на договорот за здружување со ЕУ што ќе донесе свежи инвестиции од земјите-членки.

Во меѓувреме, во Украина продолжуваат протестите на кои демонстрантите бараат поцврсти врски со ЕУ.

Откако специјалните полициски сили вчера се судрија со демонстрантите на Плоштадот на независноста во Киев, САД ја осудија полициската акција и најавија дека разгледуваат како да одговорат, меѓу што и со евентуални санкции.

Опозиционите водачи во Киев го одбија повикот на Јанукович за разговори што стават крај на кризата што започна кога тој го одби договорот со ЕУ, во полза на поблиски врски со Русија. Јанукович повика на национален дијалог со верските, граѓански и опозициони водачи, истовремено повикувајќи ги демонстрантите кои кампуваат во центарот на Киев да избегнуваат конфронтации и улитиматуми. Отфрлајќи го повикот на Јанукович, водачот на опозицијата Арсениј Јатсенјук ги повтори барањата за ослободување на сите лица приведени за време на протестите и оставка на Јанукович и владата.

Во Вашингтон, Пентагон соопшти дека секретарот за одбрана Чак Хегел разговарал со неговиот украински колега, Павло Лебедјев. Хегел повикал на смирување на страстите и го предупредил Лебедјев - Украина да не користи армиски сили против цивили. Според соопштението на Пентагон, Лебедјев рекол дека владата во Киев нема намера да ја користи војската за смирување на протестите.
XS
SM
MD
LG