Линкови за пристапност

Опозицискиот лидер на Украина депортиран во Полска


Тој тврди дека бил киднапиран од „маскирани лица“

Опозицискиот лидер на Украина Михаил Сакашвили; бил депортиран во Полска, соопштија денес официјални претставници, по неговото тврдење дека бил киднапиран во Киев „од маскирани лица“.

„Ова лице беше нелегално на украинска територија, и оттаму, во согласност со сите легални процедури, беше вратено во државата од која пристигна“, напиша портпаролот на украинската Гранична служба Олег Слободјан, на неговата Фејсбук страница.

Часови претходно, на официјалната Фејсбук страница на Сакашвили, беше објавено дека „непознати маскирани лица го киднапирале“.

„Киднаперите беа со три бели комбиња“, пишуваше во објавата, а имаше и непотврдено видео од „сведок“ на неговото киднапирање.

Неговиот адвокат минатата недела предупреди дека тој може да се соочи со екстрадиција од Украина, откако неговата молба за заштита беше одбиена од киевскиот суд.

Полицијата не била вклучена во денешната операција, јави Ројтерс.

Четириесет и деветгодишниот Сакашвили стана регионален лидер во Украина во 2015-та година, на покана на украинскиот претседател Петро Порошенко.

Подоцна настана разидување меѓу нив, откако Сакашвили го обвини претседателот за корупција, и повика да биде тргнат од функцијата.

На Сакашвили минатата година му беше одземено украинското државјанство, кога беше надвор од државата, но, се врати во септември, соочувајќи се со политички мотивирана екстрадиција.

Тој го обвини Порошенко за политичка кампања против него.

За Сакашвили, исто така, има потерница во родната Грузија, поради наводна злоупотреба на овластувањата. Тој беше претседател на Грузија од 2004-та до 2013-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG