Украинската морнарица и военото разузнавање извршија „специјална операција“ во текот на ноќта во која единици слетаа на Крим окупиран од Русија, соопшти денес Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана.
Операцијата, која Ројтерс не беше во можност самостојно да ја потврди, би претставувала ретка демонстрација дека украинските сили се способни да организираат копнени операции на Крим, кој Русија го зазеде и го анектираше во 2014 година.
Кратката и темна видеоснимка објавена покрај изјавата покажува мал моторен чамец кој се движи низ вода ноќе во близина на крајбрежјето.
Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана соопшти дека точката за слетување била на западниот крај на Крим.
Во соопштението се вели дека „сите цели“ се постигнати, но не ги идентификува целите.
„Исто така, државното знаме повторно се вееше на украинскиот Крим“, се вели во соопштението, без да се каже каде точно или да се наведат дополнителни детали.
Русија не го коментираше извештајот, кој се совпадна со Денот на независноста на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера вети дека ќе стави крај на руската окупација на Крим, иако Русија не покажува знаци дека ќе го напушти Полуостровот.
Вчера, украинското воено разузнавање, исто така, објави дека намерно намамил руски воен пилот да го приземји неговиот хеликоптер Ми-8 на украинскиот аеродром.