Линкови за пристапност

Украина ќе се бори со или без западни воени авиони, рече Зеленски


Воените експерти велат дека без напредни авиони од сојузниците на Киев во НАТО, контраофанзивата најверојатно ќе има големи загуби
Воените експерти велат дека без напредни авиони од сојузниците на Киев во НАТО, контраофанзивата најверојатно ќе има големи загуби

Украина ги финализира подготовките за својата очекувана пролетна контраофанзива против Русија, а претседателот Володимир Зеленски вели дека неговата земја ќе се бори со или без западни воени авиони.

Напредокот на бојното поле на Украина во голема мера зависи од воените резерви од Западот.

Воените експерти велат дека без напредни авиони од сојузниците на Киев во НАТО, контраофанзивата најверојатно ќе има големи загуби.

Во последните денови, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше меѓу западните лидери кои одржаа состаноци со раководството и воената команда на Украина.

Тој нагласи дека преку контакт групата предводена од САД, сојузниците и партнерите на НАТО обезбедиле повеќе од 98 отсто од борбените возила ветени на Украина, вклучувајќи над 1.550 оклопни возила, 230 тенкови и огромни количини муниција.

„Севкупно, обучивме и опремивме повеќе од девет нови украински оклопни бригади. Ова ќе ја стави Украина во силна позиција да продолжи да ја враќа окупираната територија“, рече генералниот секретар на НАТО минатата недела за време на прес-конференција.

Украина вели дека ѝ треба повеќе. Највисокиот воен командант на Украина, генералот Валериј Залужни, неодамна одржа работен состанок со генералот на американската армија Кристофер Каволи.

Според извори на Гласот на Америка, генералите разговарале за воените способности на Украина и се согласиле за потребата од темелна проценка на подготвеноста на Украина за контраофанзива.

Објавувајќи на Фејсбук по состанокот, генералот Залужни напиша дека учесниците „подлабоко ја разгледале оперативната ситуација долж целата линија на фронтот, веројатните сценарија, закани и предуслови за нашите идни акции“.

Залужњи додаде: „Се фокусиравме на важноста од навремено снабдување со доволно муниција и материјал. Ја нагласив потребата да ѝ се обезбеди на Украина широк опсег на вооружување и системи за противвоздушна одбрана, што значително ќе ни помогне да ги решиме проблематичните прашања во нашиот отпор кон руската агресија“.

Извори на Гласот на Америка во воената команда на Украина потврдија дека Украина во голема мера го потрошила снабдувањето со стар советски воен хардвер и муниција.

Украинската војска се бори на источниот и јужниот фронт во последните месеци, надевајќи се дека ќе ги исцрпи руските сили без да отстапи територија.

XS
SM
MD
LG