Линкови за пристапност

Украина добила најмногу американска помош за чистење мини


Американската помош ѝ помогна на Украина да расчисти и уништи повеќе од 530 парчиња експлозив од нејзината територија минатата година, но Украина сè уште има огромни подрачја контаминирани со нагазни мини, неексплодирани убојни средства и импровизирани експлозивни направи како резултат на руската инвазија на земјата, се наведува во извештај на Стејт департментот.

Во годишниот извештај се документирани напорите на САД во повеќе од 60 држави во светот да отстранат експлозивни направи и друго конвенционално оружје, при што Украина добила најголема помош во фискалната 2022 година - повеќе од 91 милион долари.

Украинската влада проценува дека на 160.000 квадратни километри од нејзината територија има експлозивни опасности, површина речиси двојно поголема од Австрија, и вели дека околу 10 проценти од земјоделското земјиште во земјата сега е премногу опасно за обработување.

Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Украина беше еден од најголемите светски производители на пченица и други житарки.

Американската помош за Украина во фискалната година која завршува во септември 2022 година обезбеди обука и опрема за тимовите за деминирање низ Украина, и финансираше едукативни програми за опасностите од скриените експлозиви, што опфаќа 18 милиони Украинци.

Веројатно ќе бидат потребни децении за да се отстранат мините откако ќе заврши конфликтот.

Во светот, САД потрошиле 376 милиони долари за да помогнат во уништување експлозивни направи и друго конвенционално оружје во фискалната 2022 година. Освен во Украина, САД потрошиле 45 милиони долари во Лаос, 40,3 милиони долари во Ирак, 24,5 милиони долари во Колумбија и 20,3 милиони долари во Виетнам.

XS
SM
MD
LG