Линкови за пристапност

Апсења и експлозии во Турција


Нападот со автомобил бомба во југоисточниот град Дијарбекир уследи по притворањето на лидерите на најголемата про-курдска партија во земјата

Турската државна новинска агенција соопшти дека најмалку осум лица загинале, и повеќе од 100 се повредени во експлозијата на автомобил бомба во Дијарбекир.

Турските власти велат дека нападот се случил во близина на полициска станица и уследил по синоќешното апсење на лидерите на про-курдската Народна демократска партија, втора по големина опозициона група во турскиот парламент, која има 11 парламентарци кои претежно доаѓаат од курдскиот регион на земјата. Во текот на ноќта, како резултат на антитерористичка операција во земјата биле уапсени и левичари и прогресивни лидери.

Од канцеларијата на гувернерот во Дијарбекир велат дека Курдската работничка партија (ПКК), ја презела одговорноста за нападот.

ПКК веќе три децении спроведува бунтовнички операции на југоисточниот дел на земјата.

Во изминативе 18 месеци, земјата беше цел на серија на смртоносни бомбашки напади за кои осомничени беа курдските сили и членовите на Исламската држава.

Телевизијата НТВ извести дека лидерите на доминантно курдската Народна демократска партија, Селахатин Демирташ и Фиген Јуксекдаг се обвинети за ширење курдска пропаганда.

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, на Твитер кажа дека таа е „екстремно загрижена“ за апсењето на двајцата законодавци. Могерини кажа дека таа одржува редовен контакт со амбасадорите на ЕУ во Турција.

Министерот за правда на Турција, Бекир Боздаг за новинската агенција Анадолу кажа дека притворот е во согласност со законите на земјата.

Турција се`уште се наоѓа во вонредна состојба по неуспешниот државен удар во јули.

XS
SM
MD
LG