Линкови за пристапност

Турција сепак нема да го блокира македонскиот влез во НАТО


Ние му посветуваме особено значење на членството на државата во НАТО, така што нашата поддршка ќе биде целосна во овој процес, нема да има проблем, порача заменик - министерот за надворешни работи на Турција Фарук Кајмакџи

Турција во најскоро време ќе го ратификува пристапниот Протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, затоа што безбедноста на вашата држава и на Балканот значи и безбедност на европскиот континент, потенцираше турскиот дипломат Фарук Кајмакџи во интервју за Македонската информативна агенција (МИА).

Ваквата изјава е во насока на смирување на македонската јавност, по текстовите во дел од медиумите од почетокот на април, според кои, незадоволни од односот на македонските власти кон проблемот што официјална Анкара го има организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен, турските власти би можеле да го блокираат македонското членство во НАТО.

И министерката за одбрана Радмила Шекеринска на еден тогашен ТВ настап изјави дека барањето на турските власти до државите со кои имаат добри дипломатски односи за прифаќање на ставот на Анкара дека ФЕТО е терористичка организација, иако не е во директна релација, може да влијае врз брзината со која Турција би пристапила кон ратификацијата на пристапниот Протокол за Македонија.

При посетата на министерот за национална одбрана на Република Турција Хулуси Акар на 3 април во Скопје, тој предупреди дека структури на организацијата ФЕТО кои, според него, постојат во Македонија, „им штетат на односите на двете земји и го саботираат пријателството и братските односи“. Тој ја истакна својата длабока увереност оти „во наредните денови македонските институции ќе преземат конкретни мерки околу тоа. Им веруваме на институциите на Северна Македонија“.

Посочените „конкретни мерки“, според македонските медиуми, би се однесувале на екстрадицијата на 15 турски државјани, противници на власта на Реџеп Таип Ердоган, кои официјална Анкара го обвинува за учеството во неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година, како членови на мрежата што ја води Фетула Ѓулен, обвинет за организација на ударот.

Македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тохаш излезе со став дека од лицата кои ги сомничат турските власти, дел веќе не се во Македонија. „Моите информации говорат дека се работи за 15 лица од кои две не се на територија на државата“, изјави Спасовски, и за подетални информации ги упати медиумите во Министерството за правда.

И Миннистерството за правда тогаш потврди за медиумите дека во последните две години, се работело „на 15 предмети-барања за екстрадиција за кривични дела од областа на тероризмот, и дека сите постапки се во тек, а надлежните органи се во комуникација“.

Од друга страна, медиумите објавуваа и дека македонските власти наводно добиле поддршка од официјални претставници на Европската унија и НАТО, кои ја повикале Владата во Скопје да ги почитува човековите права на 15-те турски државјани, со што државата е ставена во позиција меѓу два огна. Токму затоа, изјавата на турскиот заменик-министер за надворешни работи е успокојувачка за македонската јавност.

„Од аспект на Турција, немаме никаква пречка или проблем. Бидејќи имавме избори, имаме кратко пролонгирање, но, од мигот кога повторно ќе стартува со работа Големото национално собрание на Турција, оваа тема е еден од нашите приоритети, кој на најбрз можен начин ќе се процесуира. Турција беше една од првите земји која признаа тогашна Република Македонија и беше единствена која призна под уставното име. Можете да бидете спокојни, ние сме ваш најголем поддржувач во насока на членството во НАТО и имаме намера овој процес да се заврши во најбрз можен рок. Турција во најскоро време ќе го ратификува Протоколот за членство. Досегашниот процес нема никаква директна врска со Македонија, единствена причина за доцнењето е во фактот дека Парламентот беше затворен поради изборите“, потенцираше амбасадорот Кајмакџи.

Но, во изминативе неколку месеци, од Турција стигнуваа обвинувања и за училишта, фирми, граѓански организации, па и за медиуми во Македонија, кои беа посочувани како поддржувачи на ФЕТО и се бараа санкции за нив. Откако во рамки на проектот за поддршка на печатените медиум, весникот „Заман“ доби финансиска помош од македонската Влада, следеа жестоки обвиненија од турската Амбасада во Скопје, по кои, весникот се откажа од субвенцијата. Амбасада ја оцени одлуката на Владата како „скандалозна и неприфатлива, со очекување дека „одлуката ќе биде преисппитана и ќе ги земе предвид долгогодишните пријателски односи помеѓу двете земји и двата народа“.

Пред Амбасадата на Турција во Скопје, во февруари беше одржан и протест против доделувањето на финансиската поддршка на „Заман“, на кој, според медиумите, била присутна и амбасадорката на Турција во Скопје Тулин Еркал Кара.

И по смирувачкиот тон во интервјуто, заменик-министерот Кајмакџи сепак, како претставник на Турција и пријател на Македонија, потенцира дека „борбата на Република Северна Македонија против ФЕТО е многу значајна од аспект на Турција, а е многу значајна и за иднината на Северна Македонија“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG