Линкови за пристапност

Трамп ќе ја објави номинацијата за Врховниот суд вечерва


Најавата се очекува да предизвика голема дебата за потврда во Сенатот

Претседателот на САД Доналд Трамп вечерва во девет часот ќе ја објави номинацијата за Врховниот суд, која треба да го замени пензионираниот судија Ентони Кенеди.

Најавата се очекува да предизвика голема дебата за потврда на номинацијата во Сенатот, каде републиканците имаат тесно мнозинство, а демократите велат дека се подготвени за борба околу изборот на Трамп.

Трамп претходно изјави дека негова најголема одговорност е да избере судија, кој ќе го почитува Уставот на САД, каков што е напишан.

Тој се заложи за избор на судија со „одличен интелект, непристрасен став и длабока почит кон законите и Уставот“.

За време на кампањата во Монтана во четвртокот, Трамп ги зголеми очекувањата за неговата номинација меѓу поддржувачите.

„Како што знаете сега има отворено место во Врховниот суд. Ако ја слушнете номинацијата ќе бидете многу среќни со изборот. Сите се одлични“, рече претседателот.

Ентони Кенеди беше клучен глас во бројни случаи, меѓу кои за истополови бракови и за почитување на правото на жената на абортус.

Демократите се заложија да дадат отпор кон номинација, која ќе го однесе Судот уште повеќе десно во одлуките.

„Многу е важно да се избере личност, која ќе носи одлуки врз основа на владеење на правото, а не идеолошки“, изјави сенаторката Ејми Клобучар од Минесота.

И правните аналитичари забележуваат дека заминувањето на Кенеди е критично за Судот.

„Тој заминува во тешка ситуација на крајна левица и десница, без средна позиција“, изјави професорот по уставно право Џонатан Турли од Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Трамп изјави дека има тројца или четворица кандидати за номинација за Врховниот суд, меѓу кои судии од федералните апелациони судови – Брет Кавана, Ејми Барет, Рејмонд Кетлеџ и Емал Тапар.

Неодманешно истражување на Универзитетот Квинипек покажува дека на граница од 50 до 42 проценти од Американците веруваат оти Врховниот суд е политички мотивиран отколку што се базира на владеење на право.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG