Претседателот на САД Доналд Трамп денес отпатува на границата со Мексико, во градот Мекален, Тексас.
Планирани се брифинзи за гранична безбедност, како и посета на станицата за гранична безбедност и регионот долж реката Рио Гранде.
Податоците на Американската гранична и царинска контрола укажуваат на тоа дека во долината Рио Гранде изминативе години агентите фатиле најголем број лица кои илегално сакале да влезат во државата.
Групите за заштита на правата на граѓаните, кои се спротивставија на имиграционата политика на Трамп и на неговите барања за повеќе од пет милијарди долари за изградба на ѕид, денес планираат да протестираат на аеродромот во Мекален.
Демократот Висенте Гонсалес, кој го претставува Мекален во Конгресот, рече дека е задоволен оти Трамп ќе го посети регионот, но, оти она што им треба на САД е паметно трошење кое ќе обезбеди сигурност.
„Треба да користиме технологија за да ја обезбедиме границата“, рече тој.
Републиканските сенатори од Тексас Тед Круз и Џон Корнин, кои денес патуваат со Трамп, велат дека граничната безбедност е неопходна.
Владата на САД е затворена од 22. декември. Претседателот вчера одржа средба во Белата куќа со лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер и со спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, но, не постигнаа решение.
Facebook Forum