Линкови за пристапност

Последни подготовки за грандиозна прослава на 4-ти јули


На прославата на Денот на независноста на САД претседателот Трамп ќе им оддаде почит на вооружените сили што ќе биде проследено со музика, воени демонстрации, прелетување на воени авиони и два спектакуларни огномети

Претседателот на САД Доналд Трамп планирано е да се обрати до нацијата од скалите на Меморијалниот центар Линколн на Денот на независноста во четвртокот навечер. Предвиден е и посебен ВИП-дел, а билети за места во истиот ќе бидат издадени од страна на Белата куќа.

Денот на независноста, 4-ти јули се одбележува во чест на Декларацијата за независност од 1776 година и прогласувањето на САД како независна нација.

Нова анкета покажува дека најголем дел од Американците одобруваат претседателот да одржи јавен говор на 4-ти јули. 81 процент од Републиканците, 55 проценти од независните и 27 проценти од Демократите го одобруваат планот на Трамп да се обрати од Националното шеталиште во центарот на Вашингтон.

И додека Денот на независноста одбележува важен политички настан во историјата на нацијата, прославите традиционално се воздржуваат од фокусирање на било која политичка партија или политичар.

Нова анкета покажува дека најголем дел од Американците одобруваат претседателот да одржи јавен говор на 4-ти јули. 81 процент од Републиканците, 55 проценти од независните и 27 проценти од Демократите го одобруваат планот на Трамп да се обрати од Националното шеталиште во центарот на Вашингтон. [https://www.monmouth.edu/polling-institute/reports/monmouthpoll_us_070119/]

Како и да е, со оглед на кампањата за претседателските избори кои треба да се одржат во 2020 година, некои историчари стравуваат дека претседателот ќе внесе партиска политика во годинашната прослава.

„Оваа прослава која треба да биде национална тој ја свртува на себе“, вели Мери Бет Нортон, неодамна пензионирана професорка по историја на Корнел Универзитетот и автор на книгата „1774: Година на револуцијата“ која треба да биде издадена наскоро.

Тоа што американски претседател зема активно учество во прославата на Денот на независноста ја менува природата на овој настан, смета Џим Гросман, извршен директор на Американската историска асоцијација.[https://www.historians.org/]

„И тоа не значи дека промената е секогаш лоша, но значи дека настанот станува помалку демократски“, вели тој, „помалку демократски и повеќе партиски. 4-ти јули не е за политичка партија, ниту за одредена личност. На некој начин тоа е прослава на политиката. Тоа е прослава на демократијата.“

Плановите на Трамп за 4-ти јули вклучуваат дополнителен огномет – прво во делот зад Меморијалниот центар Линколн. Втор огномет ќе следи од паркот кој што е на две милји од Националното шеталиште.

Традиционалната парада на Денот на независноста и концертот пред Конгресот ќе се одржат како и вообичаено.

На Националното шеталиште кое што се протега во должина од две милји од Меморијалниот центар Линколн до Конгресот на САД има повеќе споменици кои што ја слават американската историја и тие се во надлежност на Смитсонијан музеите.[https://www.nps.gov/nama/index.htm]

4-ти јули не е за политичка партија, ниту за одредена личност. На некој начин тоа е прослава на политиката. Тоа е прослава на демократијата.
Џим Гросман, извршен директор на Американската историска асоцијација

„Нема посоодветно место да се прослави американската независност одошто помеѓу спомениците на нацијата на Националното шеталиште и спомениците на мажите и жените кои ги бранеа САД во изминатите 243 години“, вели секретарот за внатрешни работи Дејвид Бернард, кој помогна во планирањето на настанот.

„За прв пат по многу години, Меморијалниот центар од Втората светска војна и областите околу рефлектирачкиот базен ќе бидат отворени за јавноста да ужива во прекрасната глетка на огномет и обраќањето од нашиот врховен командант.“[https://www.doi.gov/pressreleases/secretary-bernhardt-announces-events-2019-independence-day-celebration-nations-capital]

Неколку групи се пријавија и добија дозвола да протестираат за време на годинашната прослава. Но, Анита Мекбрајд, од Центарот за конгресни и претседателски студии на Американскиот Универзитет, не гледа причина за загриженост.

„Јас не сум против тоа било кој претседател да ја промени локацијата или програмата за прославата на 4-ти јули“, вели Мекбрајд за Гласот на Америка. „Има поважни работи на кои треба да се насочи вниманието одошто менувањето на местото и програмата за прославата.“

Претседателскиот „Поздрав до Америка“ ќе им оддаде почит на вооружените сили на САД што ќе биде проследено со музика, воени демонстрации и прелетување на воени авиони.

„4-ти јули не е воен празник. Тоа е политички празник кој ја слави демократијата. Го слави создавањето на нацијата и не заслужува да биде милитаризиран“, вели Гросман.

На Трамп воените паради му се допаѓаат откако присуствуваше на прославата на Денот на Бастилја во Париз во 2017 година. Еднократните планови за организирање на воена парада по авенијата Пенсилванија сепак беа откажани поради проценетата цена од 92 милиони долари.

Се уште не е јасно колку проширената прослава ќе ги чини градот Вашингтон и федералната Влада. Градските власти велат дека администрацијата на Трамп се уште не платила седум милиони долари кои ги должи за инаугурацијата во 2017 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG