Американскиот претседател Доналд Трамп, кажа дека лицата кои илегално влегуваат во САД, треба да бидат депортирани „без судии или судски сослушувања“.
Во низата коментари на Твитер, Трамп рече: „Не можеме да дозволиме овие лица да извршат инвазија на нашата држава...“, додавајќи дека „нашиот систем служи како пример за потсмев на имиграциона политика и спроведување на законот и поредокот“.
Трамп тврди дека американскиот закон за имиграција „е предмет на исмевање во светот и не е фер кон сите оние кои законски влегле во системот и чекаат на ред со години“.
Американскиот синдикат за граѓански слободи (ACLU) одговори на пораките на Трамп, велејќи дека системот што тој го посакува е против заштитата што ја обезбедува Уставот на САД.
„Она што го предложи претседателот Трамп е незаконски и неуставно. Секој владин претставник кој положил заклетва дека ќе се придржува кон Уставот и законите, треба да го отфрли“, велат од организацијата која се залага за заштита на човековите права.
САД со години обезбедуваа судски сослушувања на мигрантите од Мексико, државите од Централна Америка и други места во светот кои бараат подобри економски услови.
Барањето на Трамп за ставање крај на правните процеси се очекува да се соочи со жестока спротивставеност во Конгресот, каде со години се отфрлаат предлог-мерките за промени во имиграционата политика.
Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците планира неделава да гласа за сеопфатни промени во имиграционата политика, откако минатата недела пропадна предлогот за усвојување на построги имиграциони мерки.
Минатата недела Трамп потпиша извршна наредба за одржување на политиката на „нула толеранција“ и притворање на сите лица кои илегално влегуваат во САД, но стави крај на практиката на одвојување на родителите и децата на илегалните имигранти.
Како да се обезбеди престој за притворените имигранти е предизвик за повеќе владини агенции.
Секретарот за одбрана Џим Матис, кажа дека Пентагон соработува со Одделот за домашна безбедност, за да обезбеди привремени кампови на две воени бази. Тој сепак не можел да посочи за кои бази станува збор, но ветил дека наскоро ќе даде повеќе детали.
Матис воедно изјави дека војската нема никаква улога во спроведување на законите, што е задача на Одделот за безбедност, но дека има искуство во поддршката на бегалци и жртви од природни катастрофи.
Последните коментари за имиграцијата на Трамп се случија на само неколку часа откако Одделот за домашна безбедност, соопшти дека каде се сместени 2.053-те деца, кои последниве недели биле одвоени од нивните родители и дека работи на обединување на семејствата.
Од Агенцијата соопштија дека 522 деца биле вратени на нивните родители, при што многумина се држат заедно во центрите за притвор, чекајќи суд да го разгледа нивното барањето за азил во САД.
Но, колку брзо ќе биде спроведено враќањето на децата на нивните родители останува нејасно. Во Центар во Тексас работат на обединување на семејствата, но тоа може да доведе до депортација на некои од нив.
Facebook Forum