Линкови за пристапност

Трамп предлага забрана на додатоци за автоматско оружје


Претседателот истакна дека ваквите регулативи ќе бидат финализирани многу брзо

Претседателот на САД Доналд Трамп, предлага забрана на технички додатоци кои го прават оружјето посмртоносно, и повика на зголемени проверки на лицата кои купуваат оружје.

Тој истакна можни регулативи, вклучувајќи забрана на додатоци за рафална стрелба, познати како „бамп-сток“, со кои полуавтоматското оружје, станува автоматско.

Вакво оружје беше користено во масовното убиство во Лас Вегас, Невада во октомври минатата година, при кое беа убиени 58 лица, а 851 лице беше повредено.

„Потпишав меморандум, со кој го заложувам главниот правобранител да предложи регулативи за забрана на ваквите додатоци, коишто легалното оружје го претвораат во автоматско“, изјави Трамп, истакнувајќи дека ваквите регулативи ќе бидат финализирани многу брзо.

Белата куќа соопшти дека на маса се и рестирикции за возраста на лицата кои купуваат полуавтоматско оружје, како и универзална проверка на минатото на сопствениците на оружје.

Тој денеска во Белата куќа ќе се сретне со ученици, родители и наставници, кои биле жртви на масовни убиства во Америка, како и ученици од училиштето во Флорида, каде минатата среда беа убиени 17 лица.

Истовремено, повеќе од стотина ученици, денеска протестираат во главниот град на Флорида, со барање за реформи за контрола на оружјето.

По масакрот во оваа сојузна држава, Трамп истакна дека безбедноста во училиштата ќе биде прв приоритет на неговата администрација, додавајќи дека ќе се сретне со гувернерите за да разговара на оваа тема.

„Ќе излеземе со решенија. Поминаа многу години, но, решенија нема“, рече претседателот на САД.

Милиони сопственици на оружје, кои ја поддржуваат Националната асоцијација за оружје (NRA), како и други организации што се борат против контрола на оружјето, веруваат дека Уставот на САД ќе гарантира неограничен пристап до оружје.

Во 2016-та година, оваа асоцијација донираше 54 милиони долари за политички цели, од кои повеќето, за време на претседателската кампања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG