Во еден извештај се наведува дека можеби најбараниот терористички лидер, Мохтар Белмохтар, кој е прогласен за мртов најмалку трипати досега, можеби е жив.
Во овој најнов пресврт, саудиско списание со седиште во Лондон Ел Мајајала, објави дека двајца милитантни исламистички лидери уапсени во Алжир, рекле дека Белмохтар живее некаде долж незаконските гранични области на Мали, Нигер или Чад.
Експерти за исламистички радикални движења во Африка, велат дека ваквите извештаи не можат да се отфрлат.
„Мислам дека е сосема можно, тој да е се` уште жив“, изјави Џон Кемпбел, поранешен американски амбасадор во Нигерија и виш преставник на политичките студии во Африка при Советот за надворешни односи во Вашингтон.
„Нема апсолутно никаква јасна потврда за неговата смрт од владите или џихадистите, па не можете да го отфрлите податокот дека тој е се `уште жив“, рече Јакоб Зен, експерт за екстремизам во Фондацијата Џејмстаун во Вашингтон.
Портпаролката на командата на Африканската војска на САД, Саманта Рехо, рече дека АФРИКОМ е свесен за наводите дека Белмохтар и натаму е жив. „Сепак, немаме јасни индикации за неговата континуирана активност“, рече таа во изјавата за Гласот на Америка.
Нотарски
Белмохтар е најпознат по кризата со заложништво во јануари 2013-та година во областа со гас во Ајн Амена во Алжир, каде преку 800 лица беа заробени од неговата новоформирана терористичка група, бригадата „Ал-Мулатаммен“ (Маскид).
Триесет и деветмина од заложниците беа убиени пред останатите да бидат спасени.
Неколку месеци подоцна, групата на Белмохтар ја нападна фабриката за ураниум во близина на градот Арлит во северниот дел на Нигер, акција што подоцна беше окарактеризирана како одмазда за интервенцијата на Франција во Мали.
„Тој е еден од најзначајните терористички лидери во Африка поради неговиот оперативен опсег од Алжир и Либија до Нигерија и неговата долгогодишна лојалност кон Ал Каеда, и покрај тоа што тој е независен терорист кој се судрил со водството на АКИМ и хиерархијата“, рече Зен.
Мистика
Со можен исклучок на Абубакар Шекау на Боко Харам, ниту еден африкански терористички лидер не е прогласен за мртов онолку пати колку што е Белмохтар.
Белмохтар првпат беше прогласен за мртов во март 2013-та година од страна на државната телевизија во Чад, која објави дека чадските војници во Мали го убиле терористичкиот лидер во база во северен Мали. Ова подоцна беше повторено од страна на претседателот на оваа држава, Идрис Деби, и покрај негирањето на портпаролот на Ал Каеда и портпаролот на Белмохтар.
Во јуни 2015-та година, либиската влада објави дека Белмохтар бил убиен во воздушен напад на САД во Либија. САД рекоа дека Белохтар бил цел на воздушниот напад, но никогаш не ја потврдиле неговата смрт.
Во ноември 2016-та, француските воени авиони го нападнаа Белмохтар во воздушните напади врз јужна Либија, врз основа на разузнавачките податоци на САД.
„Тој ... се стекна со мистиката да биде прогласен за мртов, а сепак повторно да оживее многу пати“, рече Зен.
Единствена закана
Според Кемпбел, Белмохтар претставува посебен предизвик како терористички лидер.
„Тој е многу добар пример за тоа како една личност може да биде криминалец (шверцер или киднапер), џихадистички радикал и може да биде револуционерен, во зависност од околностите“, рече тој.
Зен вели дека вистинскиот придонес на Белмохтар за џихадизмот е неговата способност да ги премости повратните елементи од Нигерија и другите делови на Сахел во Алжир и Либија. Тој има широки врски со локалните племиња во Сахел преку бракот.
„Значи, неговата разноврсност на локално и меѓународно ниво го прави единствена закана“, рече Зен. „Ако некој може да работи истовремено со Исламската држава и Ал Каеда, се разбира дека ќе биде тој“.
САД не се плашат
Кемпбел рече дека постои добра причина за службениците за борба против тероризмот да бидат загрижени за извештаите дека Белмохтар е се` уште жив.
„Ако тоа е случај, тој може да спроведе операција против владата или во приватна сопственост насекаде низ голем дел од Западна Африка“, рече тој.
„Тој може да ги извршува своите операции во иднина, можеби не исто како оние што ги праше во минатото. И, на крајот на краиштата, некои од нив беа доста значајни“, додаде Кемпбел.
Но, САД нема да ги заплашат ваквите извештаи во борбата против терористите и терористичките мрежи, рече портпаролката на АФРИКОМ, Рехо. „Нашата мисија во регионот не е променета“, додаде таа.
„САД нема да се откажат од својата мисија да ги деградираат, нарушат и уништат терористичките организации и да донесат стабилност во регионот. Ние сме посветени на одржување притисок врз терористичката мрежа и спречување на терористите да воспостават безбедни засолништа“, истакна Рехо.
Facebook Forum