Линкови за пристапност

Десет години војна во Сирија


Четири милиони од вкупно 17,5 милиони жители на Сирија сеуште живеат во воена зона

Во петоците вообичаено стотици протестанти се собираат на „Седум езера“, главниот кружен тек на сообраќајот во Идлиб, Сирија. Тие танцуваат, пеат и извикуваат слогани како „Револуција“.

Во март 2011, луѓе низ цела Сирија одржуваа слични демонстрации, барајќи паѓање на владата за која велат дека е корумпирана и диктаторска. Тогаш, демонстрантите беа пресретнати со насилно задушување, и про-демократското движење на државата брзо се претвори во крвава револуција.


Сега, со навршувањето десет години на граѓанска војна, стотици илјади луѓе се мртви, милиони раселени и незамисливо голем број лица кои се водат за исчезнати, или се ранети, во затвори или длабоко трауматизирани. Сириската валута колабираше, и целата држава е зглавена во економска катастрофа.

Во поголемиот дел на Сирија, војната сега е завршена, и владата на претседателот Башар ал-Асад се чини дека е јасен победник.

Но речиси четвртина од населението сега живее во Идлиб и во делови на околните региони, што е последното упориште на опозицијата. И таму, војната е замрзната, со спорадични напади и и без решение во догледна иднина.

„Нашата револуција ќе трае додека има маслинки и сeно“, пишува на еден од банерите што се закачени на кружниот тек.

Меѓу демонстрантите е и Анвар Алјусеф, татко на четири деца, кој ја држи в раце 4-годишната Тала. „Сеуште го бараме истото што го баравме во 2011“, објаснува тој. „Нема да одиме дома додека раководството на режимот и безбедносните сили не си заминат. Не ни е грижа што сме присилени да ги напуштиме домовите“.

Тала, со маче од цртаните филмови на розевата блузичка, плеска со рачињата по тактот на музиката и се смее.

„Таа знае дека има бунтовници и има режим што ѝ го одзеде селото“, вели Ајусеф. „Таа може да каже ... револуцијата стана култура и нашите деца треба да знаат што се случило“.

Заробени

На блискиот пазар, Шади Шоајб е помалку оптимист за иднината на „револуцијата“ додека купува зеленчук за своите четири деца.

За 10 години, владата успеа да ги поврати повеќето градови и села што некогаш биле под контрола на бунтовниците. Шоајб вели дека сега едвај може да го прехрани своето семејство и никаде не се гледаат „слободата“ и „правдата“ за кои демонстрантите се залагаа во 2011 година.

„Ние изгубивме сè“, вели тој. „Сè. Нашата економија, образование и правда се уништени “.

Шоајб ја споредува ситуацијата во Идлиб со онаа во Газа, една од палестинските територии. И едните и другите имаат затворени граници од една страна и конфликт од друга страна. Луѓето се осиромашени и честопати се во опасност, но нема каде да бегаат.

Луѓето страдаат толку многу што се чини дека ја изгубиле душата
Шади Шоајб


Аналитичарите исто така ја направија оваа споредба, истакнувајќи дека групата која контролира голем дел од Идлиб, Хајат Тахрир ал-Шам или ХТС, е како Хамас - групата што ја контролира Газа - сметана од САД и другите земји за терористичка организација.

ХТС се опишува себе си како сириски националистички спој на опозициски групи со цел соборување на Асад и неговите сојузници од странство.

„Ние сме револуција и сакаме да ги исфрлиме криминалните банди“, објаснува Абу Калед Алшами, портпарол на ХТС, додека стои во поле на околу седум километри од фронтот, каде што се сместени владините и руските сили.

„Ние сакаме војската на Асад, паравојската на Иран и руските окупатори да излезат од Сирија“, вели тој.

„Замрзната војна“

Колку што ХТС и другите бунтовнички групи сакаат сириската влада да падне, толку Асад сака да ги порази опозициските групи, што тој ги нарекува „терористи“.

Додека борбите главно замреа изминатата година, Алшами рече дека очекува силите на Асад на крајот да се обидат да ги заземат Идлиб и другите области во северозападна Сирија под контрола на опозицијата.

Доколку владините сили ја преземат власта, семејствата во Идлиб велат дека планираат да го напуштат регионот. Тие не можат да живеат безбедно во област под владина контрола, велат тие, а единствениот „безбеден“ правец да се оди е на север, до турската граница.

„Ако режимот не го напушти нашето село, ние нема да се вратиме, дури и ако треба да јадеме песок“, вели Фатум Алшамали, мајка на четири деца, која била раселена три пати пред да се пресели во студениот шатор на село во Идлиб .

Тоа е вид на очај што може да спречи сеопфатна војна. Турција веќе е домаќин на 3,5 милиони сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот и јасно стави до знаење дека не сака повеќе.


Турција, исто така, отворено ги поддржува другите клучни бунтовнички групи во регионот и резултатот од какво било идно „затоплување“ во Идлиб, било политичко или воено, се очекува во голема мера да зависи од акциите на Турција од опозициската страна, и Русија и, до одреден степен Иран за поддршка на Асад.

Нашироко се претпоставува дека Турција би се борела пред да ги отвори границите за милиони нови бегалци. И во овој случај, „борба“ може да значи војна меѓу Турција и Русија, исход што може да биде погубен.

Но, локалното население вели дека статус кво во регионот - со милиони гладни, бездомни и финансиски уништени луѓе - е исто така неодржливо. На пазарот во Идлиб, вели Шоајб, децениските соништа за слобода и правда сега често се забораваат, бидејќи луѓето работат само за да преживеат.

„Гледате, нели?“ тој прашува. „Луѓето страдаат толку многу што се чини дека ја изгубиле душата“.

XS
SM
MD
LG