Двете главни политички партии во САД го започнуваат процесот на избор на претседателски кандидат од нивните редови, преку одржување на избори во секоја од сојузните држави, познати како прелиминарни избори или кокуси. Овие настани ја одредуваат најголемата поддршка којашто кандидатите би ја добиле од делегатите на партиските конвенции подоцна годинава. Победа на прелиминарните избори во сојузните држави, значи дека поголем број делегати ќе го поддржат кандидатот за време на конвенцијата.
Сепак, ова не важи за сите делегати коишто можат да гласаат на конвенцијата.
Демократската номинација ќе биде одредена од вкупно 4.763 делегати – 4.051 избрани од гласачите, а 712 се „суперделегати“.
Во „суперделегатите“ спаѓаат сите гувернери од партијата, претседателот и потпретседателот, сите членови на Конгресот, како и сите членови на Националната комисија на Демократската партија. Овде се вбројуваат градоначалниците и лица од извршната власт на општините, како и претседателите на различните организации на оваа партија.
Номинацијата на Републиканската партија ќе биде одредена од 2.472 делегата, од кои 168-мина се „суперделегати“.
Постои огромна разлика во тоа колкаво овластување може секоја од партиите да им даде на „суперделегатите“.
Демократските „суперделегати“ за време на конвенциите можат да гласаат за кого сакаат, без да имаат обврска на она што претпочитаат гласачите.
Спротивно, Републиканската партија им налага на „суперделегатите“ да го поддржат оној кандидат којшто е поддржан и во нивните сојузни држави, исто како и редовните делегати.
Во секој случај, ситуацијата останува неизвесна. Од страната на демократите на пример, во 2008-та бројни „суперделегати“ ја преориентираа својата поддршка од Хилари Клинтон на Барак Обама, со што стана јасно дека тогашниот сенатор од Илиноис имаше големи шанси да ја добие претседателската номинација.