Албанскиот јазик и официјално покрај македонскиот ќе биде впишан како службен јазик во општина Струга. Тоа стои во новиот статут на општината кој денеска го изгласаа градските советници.
Во Членот 7 на овој највисок локален акт сега стои:
„Во оштината, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо“, а во параграф понатаму се додава:
„Во општината службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, е и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од жителите на општината, односно - албанскиот јазик и неговото писмо“.
Во досегашниот статут на општина Струга стар 15 години, стоеше дека службен јазик во општината е македонскиот и неговото кирилично писмо и јазикот којшто го зборуваат најмалку 20% од жителите на општинатa, но не и албанскиот јазик како посебен термин.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, вели дека последната одлука зборува за новата политичка атмосфера која владее во Струга и државата:
„Оваа верзија на статутот преовладуваше и во 2006-та година, но немаше волја од тогашните советници од сите политички партии. Денес имаме подобрена политичка клима. Ние денеска заеднички донесовме статут, со кој подобро ќе работи и советот на општина Струга, админстрацијата на општината и невладините организации и сите институции на локално и централно ниво“.
Единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против статутот и најавуваат дека спорниот Член 7 ќе го обжалат пред Уставен суд. Велат дека на овој начин Струга станува двојазична општина, што според нив е спротивно на Уставот и на Законот за локална самоуправа. „Со овој статут се исклучува можноста за употреба на јазиците на другите“, рече Ален Деребан најавувајќи ја жалбата „веднаш штом биде објавен во Службен весник“.
Facebook Forum