Линкови за пристапност

Конгресна библиотека: Чествување за Стерјо Спасе


Вашингтонската публика вчера имаше прилика да се запознае со животот и делото на албанскиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе.

За делото на писателот Спасе говореше неговиот колега и пријател Наум Прифти. Тој покрај писателската, фрли светло и на животната димензија на Спасе, истакнувајќи ја неговата хуманост, посветеност како педагог и поврзаност со Мала Преспа.

Прифти верува дека пејсажот на родната Преспа на извесен начин и ја создал естетската структура на Спасе. За него, човекот што стана познат по романите „Зошто“, „Афардита“ и расказите „Писма до мојот внук во Тирана Аријан од Македонија и Косово“, не е само писател, туку и сврзна точка на два народа.

„Благодарение на неговите дела и талент, Спасе си обезбеди место во албанската литература, и тој е најдобрата врска во традиционално добрите односи меѓу Албанците и Македонците“, рече Прифти.

За Амбасадорот на Република Албанија во САД, Гилберт Галанџи, делата кои ги оставил Спасе го надминуваат времето кога се создадени.„Ни покажуваат дека народите на Балканот имаат многу заедничко, многу вреднoсти, а ние треба да го поттикнуваме духот на соработка и добрососедството, секогаш кога и каде можеме“, кажа Галанџи.

За внукот на писателот, Аријан Спасе, кој е советник во албанската амбасада во САД, настанот имаше длабока емотивна вредност. Смета дека дошол во вистинско време, дека Албанците и Македонците историски споделувале културни и духовни врски, a дека делото на Спасе е пример за таквата вредност.

„Тој беше свесен за своите корени и потекло. Дел од неговата култура беше Македонија. Тоа го покажа во односите со неговите сонародници кои беа негови добри пријатели, а тој беше длабоко почитуван во регионот на Преспа“, кажа Аријан Спасе за Гласот на Америка на македонски.

Спасе пишувал и објавувал на албански, но бил собирач на македонското народното творештво и го негувал македонскиот јазик.

“Македонскиот јазик беше дел од нашиот секојдневен живот. Мојата комуникација со него и мојата баба - неговата сопруга, беше на македонски. Читаше македонска литература и ги следеше вестите поврзани со Македонија. Со посетите на Преспа, но и со сликањето на животот таму, беше во контакт со македонскиот јазик“, раскажува Аријан Спасе.

Настанот го организираше Конгресната библиотека во соработка со Обединетата македонска дијаспора и Албанско-американската национална организација.

Стерјо Спасе (1914-1989) е роден во Глобочани, Мала Преспа. Во 1935 во Корча ја објавува неговата прва книга и воедно ремек-дело, песимистичкиот роман „Од живот за живот - зошто“. Романот е приказна за млад интелектуалец кој се враќа во родното село по завршување на образованието и се судира со традиционалните вредности.

XS
SM
MD
LG