Државната изборна комисија (ДИК) повторно ќе работи на прашањата за кои имало најголеми несогласувања меѓу членовите, со цел да се обезбеди чист Избирачки список.
Потпретседателот на ДИК Реџеп Прекопуца, во интервју за Гласот на Америка, најави дека Комисијата ќе ги преиспитува сите досегашни активности, а сите членови ќе може да достават предлози за промени во работата.
„Имаме во план да направиме евалуација на се` што е сработено, и во што можеме да се подобриме како Државна изборна комисија, вклучувајќи ги сите девет члена. Ние сме отворени за предлози внатре во Комисијата од сите членови, и мислам дека позитивно ќе влијае. Мора да имаме основа на која ќе дејствуваме. Евентуално може да се договориме таму каде што имало несогласувања да се вратиме на тие точки, и да направиме да се подобрат тие недоследности, со цел да тргнеме напред. Во таа насока и ќе работиме“, вели Прекопуца.
Прекопуца смета дека за активна регистрација на гласачите мора претходно да се обезбеди голема логистичка поддршка, како и да се направи проценка дали граѓаните се заинтересирани.
„Колку време ќе треба тоа да се заврши во моментот не можам да дадам одговор. Треба да видиме како сме со луѓе и со опрема, да процениме дали има интерес од граѓаните, имајќи предвид дека одзивот на нашите граѓани досега беше 60 проценти. Што ако нема интерес граѓаните активно да се регистрираат“, смета тој.
На нашето прашање зошто еврокомесарот за проширување Јоханес Хан предлага да се направи и европска контрола на Избирачкиот список пред самите избори, Прекопуца вели:
„Јас мислам дека овој предлог е поради тоа што нашите луѓе во Македонија не им веруваат на државните институции. Прво и не знам како би се реализирало тоа, никој не кажува како тоа да се направи. Дури и да се реализира, граѓаните и внатрешните фактори во Македонија да добијат уверување дека тој Избирачки список е релевантен, ние немаме ништо против тоа. Ние сме транспарентни од почеток до крај, и не сме против таква идеја“.
Прекопуца вели дека ДИК работи секојдневно, но кога ќе има датум за избори Комисијата ќе влезе во друг процес, во кој се` ќе мора да тече според утврдените рокови во Изборниот законик.
Досега ДИК, со вкрстените и теренските проверки опфатила 1.804.000 гласачи, административно и на терен проверила околу 300 илјади, додека 87 илјади граѓани, екипите на ДИК ги посетиле дома.