Во овогодишниот извештај на американскиот Стејт департментот за трговија со луѓе, на таканаречената црна листа се додадени осум земји коишто вложуваат минимални напори да стават крај на оваа индустрија вредна 150 милијарди долари. Се работи за Узбекистан, Туркменистан, Мјанмар, Хаити, Џибути, Папуа Нова Гвинеја, Судан и Суринам.
Во делот за Македонија, се наведува дека земјата е извор, транзит и крајна дестинација за мажи, жени и деца - предмет на секс-трговија и принудна работа. Жените и девојките во Македонија се принудени на сексуална експлоатација и на принудна работа во ресторани, барови и во ноќни клубови во земјата. Децата, претежно Роми, се принудени на питање или сексуална експлоатација, преку принудни бракови. Жртвите, најчесто се од Источна Европа, конкретно од Албанија, БИХ, Косово, Романија, Србија и од Украина, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Македонија годинава е на едно место подолу во борбата против трговијата со луѓе, или во зоната ТИЕР 2. Во извештајот стои дека македонаката Влада не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прави значителни напори да го стори тоа.
„Иако напливот на бегалци и мигранти претставуваше сериозен товар за владините ресурси, регистрирано е значително намалување на напорите на надлежните органи да ги заштитат жртвите и да ја спречат трговијата со луѓе“, се наведува во документот.
„Севкупните владини средства за борба против оваа трговија во 2015 година се намалени на 4,1 милион денари од 32,45 милиони издвоени претходната година”, стои во извештајот.
Споредено со 2014-та, македонската Влада во 2015-та осудила поголем број трговци со луѓе, но идентификувала само четири жртви. За разлика од претходните години, Владата не доделила никакви финансиски грантови на невладините организации за фискалната 2016 година, иако граѓанскиот сектор барал вакви средства за помош на жртвите.