Линкови за пристапност

Анализа: Шпионскиот скандал нема да ги поремети американско-руските односи


Анализа: Шпионскиот скандал нема да ги поремети американско-руските односи
Анализа: Шпионскиот скандал нема да ги поремети американско-руските односи

Американски официјални лица велат дека десет лица работеле за Руската разузнавачка служба (СВР) и живееле во САД со лажен идентитет, долги години.

Американски официјални лица велат дека десет лица работеле за Руската разузнавачка служба (СВР) и живееле во САД со лажен идентитет, долги години. Маршал Голдман од Универзитетот Харвард, објаснува дека тоа значи оти тие навистина се интегрирале во општеството и воделе живот како обични граѓани. „Работеле, оделе на училиште, не правеле ништо што би ги издвоило од нивните соседи“, вели Голдман.

Американските претставници велат дека осомничените, меѓу другото, развиле врски во политичките кругови и испраќале разузнавачки извештаи назад во Москва. Тие исто така собирале информации за воени прашања, надворешна политика и прашања што го засегаат конгресот.

Но многу експерти го поставуваат прашањето дали наводните руски агенти биле успешни во активностите на собирање информации.

Еден од тие стручњаци е Чарлс Пинк, партнер во фирма што специјализира на безбедносни прашања, Џорџтаун Груп.

„Русите очигледно инвестирале многу пари и време во обука на овие луѓе и нивно испраќање овде и нивно издржување. Од друга страна, според документите поднесени против нив, изгледа дека тие не постигнале многу. На крајот на краиштата, тие не се ни обвинети за шпионирање. Обвинети се за нерегистрирање како претставници на странска влада и перење пари, што ме наведува да верувам две работи – или дека не биле во состојба да го остварат тоа за што биле испратени, или дека Федералното истражно биро не можело да ги фати на дело, како вршат шпионажа, што е тешко да се направи“, вели Пинк.

Стивен Пајфер од Брукинс институцијата исто така го поставува прашањето дали наводните шпиони биле ефикасни.

„Ниеден од поединците не успеал да најде работа во агенција на американската влада и нема докази дека било кој од нив успеал да дојде до класифицирани информации. Се чини дека тоа било причина што Одделот за правда се определил за полесно обвинение – дека биле непријавени агенти на странска сила“, вели Пајфер.

Неколку руски претставници го поставуваат прашањето за тајмингот на апсењето, велејќи дека тоа дошло неколку дена откако претседателот Обама и рускиот претседател Медведев се сретнаа во Вашингтон и ги нагласија подобрените односи меѓу двете држави.

Пајфер предвидува дека наводниот шпионски инцидент нема да им наштети на американско-руските односи:
„Мислам дека ова ќе биде мал потрес. Од руското Министерство за надворешни работи кажаа дека не се многу среќни заради некои аспекти на случајот, посебно зошто тоа сега се објавува. Но никогаш не е добро време за соопштување на таква работа. Мене ми се чини дека американско-руските односи многу напреднаа последниве 18 месеци, и мислам дека токму тој прогрес ќе направи ова да не биде голем проблем.“

Некои аналитичари велат дека апсењето на наводните руски шпиони е атавизам на Студената војна.

Но Чарлс Пинк не се согласува:

„Кога го гледате ова во медиумите изгледа неверојатно – нели, шпионирањето почна и заврши со Студената војна! Вистината е дека шпионирањето постои од почетокот на времето, затоа ја викаат втора најстара професија. Ако шпионирањето е втора најстара професија, тогаш фаќањето шпиони е трета најстара професија. Никогаш не престанало да се одвива."

И, Пинк вели, ќе продолжи и натаму. Тој вели дека мора да продолжиме да фаќаме руски шпиони, и да се надеваме дека тие нема да ги фатат нашите.

XS
SM
MD
LG