Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денес ќе одржи разговори зад затворени врати за ситуацијата во Сирија, по напредувањето на бунтовниците што го соборија претседателот Башар ал Асад.
Русија, која му пружи воена помош на Асад за време на речиси 14-годишната сириска граѓанска војна, побара на седницата на Советот за безбедност да се разговара за случувањата, вклучително и за потенцијалните импликации врз мировната мисија на ОН во Голанската висорамнина.
Израелските трупи вчера беа распоредени во тампон зоната на Голанската висорамнина под надзор на ОН, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека овој потег е неопходен за да се заштитат Израелците, откако сириските сили ги напуштија своите позиции.
Денес останаа многу прашања за тоа кој ќе ја води Сирија и како земјата ќе се обиде да закрепне по години војна и повеќе од пет децении под владеење на семејството Асад.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, изјави за новинарите денес дека претседателот Владимир Путин одлучил да му даде азил на Асад.
Песков рече дека нема планови Путин да се сретне со Асад и тој одби да ја коментира локацијата на Асад.
Руските новински агенции вчера јавија дека Асад и неговото семејство пристигнале во Москва.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека неговата земја се надева на „нова Сирија“ која има добри односи со нејзините соседи и помага да се воспостави регионална стабилност.
„Очекуваме меѓународните актери, особено Обединетите нации, да допрат до сирискиот народ и да го поддржат формирањето на инклузивна администрација“, рече Фидан во говорот пред амбасадорите.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи денес рече дека Кина ги следи случувањата во Сирија и дека „иднината и судбината на Сирија треба да ги решава сирискиот народ“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во изјава доцна вчера рече дека САД „внимателно ќе го следат развојот на настаните како што се развиваат и ќе се ангажираат со нашите партнери во регионот“.
„САД силно поддржуваат мирна транзиција на моќта кон одговорна сириска влада преку инклузивен процес предводен од Сирија“, рече Блинкен.
„За време на овој преоден период, сирискиот народ има целосно право да бара зачувување на државните институции, обновување на клучните услуги и заштита на ранливите заедници“.
Блинкен рече дека САД ќе ги поддржат меѓународните напори Асад и другите да се повикаат на одговорност за злоупотреби против сирискиот народ и притворање цивили, како што е американскиот новинар Остин Тис.
Асад беше обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на граѓанската војна во земјата, вклучително и напад со хемиско оружје во 2013 година на периферијата на Дамаск.
Повеќе од половина милион Сиријци загинаа во војната, а конфликтот расели најмалку половина од предвоеното население на земјата од 22 милиони луѓе.
Падот на Асад поттикна толпи да се соберат и да слават во Дамаск и на други места.
Некои информации се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс