Линкови за пристапност

Делумно воспоставена Интернет-врската во Северна Кореја


Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ан со армиски припадници за време на воена вежба, на фотографија со непознат датум
Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ан со армиски припадници за време на воена вежба, на фотографија со непознат датум

По вчерашниот целосен прекин, за којшто стручњаците сметаат дека се должи на кибернетски напад

Интернет-врската во Северна Кореја делумно е воспоставена по вчерашниот прекин ширум целата земја. До ова дојде само неколку дена откако официјален Вашингтон за кибернетскиот напад врз компанијата „Сони пикчерс“ и најави дека ќе одговори на истиот.

И онака ограничениот Интернет во комунистичката држава, вклучувајќи ги и новинските портали под контрола на државата, доцна синоќа беше целосно во прекин - нешто што стручњаците сметаат дека се должи на кибернетски напад. Прекинот траеше околу девет часа. Рано утрово проработија неколку Интернет-страници, како оние на Корејската централна новинска агенција и на весникот Родонг Синмун.

Компанијата Дин рис`рч, специјализирана за следење на Интернетот, соопшти дека четирите мрежи на Северна Кореја се повторно воспоставени. Според оваа организација со седиште во САД, причината за прекинот се` уште е непозната, но околностите се конзистентни на „кревка мрежа изложена на напад однадвор“.

Само пред неколку дена, американскиот претседател Барак Обама најави дека САД ќе се одмаздат за, како што тврди Вашингтон, хакерскиот упад на Северна Кореја во „Сони пикчерс“. Портпарол на Стејт департментот синоќа одби да коментира на ситуацијата, но сепак информираше дека американската влада дискутира за широк круг на можности како одговор на хакерскиот напад врз американската филмска компанија и рече дека некои од нив ќе бидат видливи, а некои можеби нема.

Официјален Пјонгјанг го повика Вашингтон да се извини поради тоа што имплицирал дека Северна Кореја стои зад хакерскиот напад во „Сони пикчерс“ и се закани дека ќе возврати со различни мерки, меѓу што и со кибернетско војување.

XS
SM
MD
LG