Официјален Пјонгјанг го повика Вашингтон да се извини поради тоа што имплицирал дека Северна Кореја стои зад хакерскиот напад во „Сони пикчерс“ и се закани дека ќе возврати со различни мерки, меѓу што и со кибернетско војување.
Севернокорејската Комисија за национална одбрана преку медиумите под државна контрола соопшти дека тврдењето на американската влада е погрешно и неосновано.
Министерството за надворешни работи на Кина, пак, се изјасни дека нема доволно информации за да утврди дали се точни наводите дека Северна Кореја користела кинески инсталации за нападот. Портпарол на Министерството денес изјави дека „Кина е против сите видови на кибернетски напади“, но дека земјата не би сакала да донесува заклучоци без да има доволно факти.
Американските власти се во контакт со кинеските околу евентуална помош од Пекинг, да ги блокира кибернетските напади од Пјонгјанг. Американското барање за помош би можело да се покаже како проблематично, со оглед на тоа дека Вашингтон веќе подолго време тврди дека кинеските кибернетски кражби се закана по американските одбранбени тајни и по конкурентноста на американските компании.
Американскиот претседател Барак Обама вели дека САД по нападот врз „Сони пикчерс“, за којшто американски официјални лица го обвинија Пјонгјанг, разгледуваат дали да ја вратат Северна Кореја на листата на држави – спонзори на тероризам. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека не го смета хакерскиот напад за чин на војна, туку за пример на кибернетски вандализам со скапи последици.
Северна Кореја порекнува дека е одговорна за упадот во компјутерската мрежа на „Сони пикчерс“ и објавувањето на електронска пошта и други приватни податоци со непријатна содржина.
Самонаречените „Чувари на мирот“ се заканија со „горчлива судбина“ за сите што ќе појдат во кино да го видат филмот „Интервју“, сатирична комедија во којашто ЦИА најмува двајца новинари да извршат атентат врз севернокорејскиот водач Ким Џонг-ан.
Сони ја откажа премиерата на филмот, закажана за 25-ти декември.
Вчера, Северна Кореја соопшти дека не знае од која држава се хакерите, но и дека има докази дека владата на Обама е вмешана во правењето на „Интервју“.
Извршниот директор на „Сони пикчерс“, Мајкл Линтон, петокот изјави дека компанијата немала друг избор освен да ја откаже премиерата, бидејќи американските кино-сали не сакале да го прикажат филмот, загрижени за безбедноста. Тој рече и дека компанијата не потклекнала пред хакерите и дека се обидува да најде формат преку којшто гледачите ќе може да го видат филмот, најверојатно преку нарачка на ТВ, или преку Интернет.