Линкови за пристапност

Соња Николовска, награда од ЗНМ за животно дело: Новинарите, уредниците, сопствениците да ја бранат слободата на говорот


Соња Николовска, новинарка, добитничка на наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ од ЗНМ
Соња Николовска, новинарка, добитничка на наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ од ЗНМ

Секогаш има поединци и политичари кои се обидуваат да ја попречат слободата на говорот, да ја попречат слободната мисла, да влијаат. Но, отсекогаш и постоел тој отпор кај новинарите, смета Соња Николовска, новинарка од „Телма“, годинашна добитничка на наградата за животно дело од ЗНМ.

Во новинарството сум дојдена во 1986 година. Некои од моите колеги не биле ниту родени.

Така раскажува Соња Николовска, новинарка која речиси четири децении е дел од македонскиот медиумски простор. Неодамна ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, од Здружението на новинарите на Македонија.

Мислам дека нема поголем настан во државата на кој не сум присуствувала. Од протести, конгреси, конвенции. Од собраниски случувања. Дали биле уставни промени, дали бил 27ми април“, раскажува Николовска.

Почнала во МТВ, продолжила во телевизијата „Телма“, каде до крајот на годинава треба и да се пензионира. За себе вели: Кариерата ја почнав како репортерка и ја завршувам како репортерка.

„Може 15 години бев уредник на вести. Сум водела емисии, дебати, линковски вклучувања. Но, сепак, репортерството е тоа што нè зближува сите нас“, вели Николовска.

Секогаш има политичари или поединци кои се обидуваат да ја попречат таа слободна мисла, да го попречат слободниот говор, да влијаат

Ни раскажа и како изгледало тогашното телевизиско новинарство.

„Главни на екранот беа спикерите. Беа неколку спикери на вестите. Новинарите беа само глас кој со лик не се појавуваше. Но, моите генерации, беа оние што почнаа да одат меѓу луѓето. Кога отидовме во Битола, на првата програма за градови, тие луѓе првпат видоа микрофон на улица, и некој нив да ги прашува: Што мислите ова или тоа?“, се присетува Николовска.

Зборувавме и за слободата на говорот, некогаш и сега.

Секогаш има политичари или поединци кои се обидуваат да ја попречат таа слободна мисла, да го попречат слободниот говор, да влијаат на него, да го придобијат во нивна полза. Но, секогаш и постои тој отпор кај новинарите“, вели Николовска и додава:

Би апелирала, колку што се новинарите отпорни, исто толку да бидат и уредниците отпорни. И менаџерите, и сопствениците на медиумите. Ако сите заедно имаме отпор кон надворешните влијанија кон обидите за менување на уредувачката политика можеме да издржиме“.

Им забележувам на оние кои треба да нè поддржуваат во овие акции - академската заедница ни е многу молчелива

Николовска ја нагласи и клучната улога што новинарите ја имаат во нашето општество.

„Тие се една мобилна сила, која треба да го менува општеството. Значи, ние имаме потенцијал. Го имаме како алатка јавниот збор, кој може многу да биде ударен. Во новинарството има една голема енергија, голема сила. Тоа се луѓе кои сакаат да им дадат простор на другите. Сакаат да ги застапуваат туѓите интереси, дури и кога самите се оштетени. Повеќе зборуваат за другите, отколку за себе“, вели Николовска.

Но, има и апел до лицата кои можат да имаат влијание во општеството.

„Тука им забележувам на оние кои треба да нè поддржуваат во овие акции. Академската заедница ни е многу молчелива. Академската заедница, ми се чини, треба да биде поактивна и заеднички фронт да објавиме“, вели долгогодишната новинарка.

Со Николовска разговаравме и за достоинството на новинарската професија денес.

Знаете ли колку новинари земаат под просечната плата во државата? Помладите новинари земаат дури и под минималната плата.

„Знаете ли колку новинари земаат под просечната плата во државата? Помладите новинари земаат дури и под минималната плата во државата. Нивните прилози се полни со барања за сите да земаат барем минимална плата, а самите не ја земаат. Сепак тоа се луѓе кои сакаме да ги задржиме во новинарството. Сакаме да останат. Да бидат еден ден силни и платени новинари“, вели Николовска.

За разлика од некогаш, технологијата денес овозможи брзо ширење на дезинформациите. Николовска за тоа коментира:

Лажните вести се секогаш поврзани со лажни медиуми, со лажни новинари. Тоа веројатно треба да биде дополнителен предизвик во иднина новинарите самите да го регулираат. Постоеле обиди но, не знам дали сè уште има пронајдено вистински рецепт како новинарството да се заштити самото, да се исчисти од квази-новинарите и квази-медиумите во него“.

Николовска ја прашавме и што значи да се биде новинарка во македонското општество.

„Мислам дека жената новинарка, не се разликува многу од мажот, новинар, дека сме на тој план многу еднакви“, ни одговори.

Соња Николовска меѓу новинарките, добитнички на годинашните награди на ЗНМ
Соња Николовска меѓу новинарките, добитнички на годинашните награди на ЗНМ

Сепак, негодува што новинарките денес, се изложени на чести навреди и закани, како преку социјалните мрежи, така и додека се на терен.

„Не е лесно и меѓу народ да се влезе, и на протести да се биде. Тука, исто така, луѓето кога се во толпа се многу слободни, па дофрлаат разни работи. Се носиме со тоа“.

Неминовно беше да поразговараме и за новите генерации новинари. Николовска верува во нивните квалитети.

„Младите новинари се многу поспособни од постарите. Во нив има голема енергија, многу брзо учат“, посочува Николовска.

Сепак додава:

„Само им треба добар мотив, што значи, добри плати, и им треба едно мало насочување. Да ја проверуваат информацијата од сите страни. Да негуваат свои извори на информирање. Автентично да си ја потврдат таа вест што можеби некој друг ја дознал. И, секогаш да ја консултираат другата страна. Така ќе пласираат за нашите гледачи, читатели, слушатели информација која е веродостојна и ќе им овозможат самите да изградат свое мислење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG