Линкови за пристапност

Словачка и ги испорача на Украина ветените авиони


Словачка и ги испорача преостанатите девет од 13-те борбени авиони МиГ-29 од советската ера што и ги вети на Украина, соопшти словачкото Министерство за одбрана.

Министерството соопшти дека воените авиони биле транспортирани по копно од безбедносни причини во „комплицирана логистичка операција“. Првите четири беа транспортирани од украински пилоти од Словачка во Украина на 23 март.

„Ја правиме вистинската работа“, изјави министерот за одбрана Јарослав Над.

На 17 март, владата на Словачка го одобри планот да и ја даде на Украина целата нејзина флота авиони МиГ-29 од советската ера, со што стана втората членка на НАТО која одговори на барањето на Украина за воени авиони да помогнат во одбраната од руска инвазија.

Словачка ги приземји своите МиГ во летото поради недостаток на резервни делови и експертиза за одржување. Соседните Полска и Чешката Република, и двете членки на НАТО, се вклучија за да го надгледуваат словачкиот воздушен простор.

Замена за МиГ-29 веројатно нема да пристигне уште една година. Словачка претходно потпиша договор за купување на 14 американски борбени авиони Ф-16 Блок 70/72, но испораката беше одложена за две години, а првиот авион пристигна на почетокот на 2024 година.

САД и понудија на Словачка 12 нови воени хеликоптери како компензација за борбените авиони дадени на Украина. Според таа понуда, Словачка би платила 340 милиони долари за хеликоптери Bell AH-1Z во зделка вредна околу една милијарда долари. Военото финансирање на САД од странство ќе ги покрие останатите 660 милиони долари.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG