Линкови за пристапност

Каде ќе се позиционира СЈО со реформите во правосудството?


Законските измени директно ќе го засегнат Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ќе пресечат дали ќе остане засебно обвинителство или во рамките на постоечкото Јавното Обвинителство.

„Се надеваме дека надлежноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе биде проширена на случаите од висока корупција. СЈО и понатаму ќе отвора истраги. Потребно е законско решение за измена на законодавството за да се осигури дека СЈО ќе има трајна основа за продолжување за својата работа“, рече обвинителката Ленче Ристоска од СЈО на конференцијата „Поглавје 23: Пандорината кутија или клуч за добро владеење?“ на која се дискутираше за реформите во правосудството и борбата против корупција.

Реформите во правосудството се клучот во процесот за приближување на државата кон Европската Унија (ЕУ) и отпочнување на претпристапните преговори а СЈО пак, е една од клучните точки во овие реформи.

Работната група во Советот за реформи, минатата година, ја направи и презентираше стратегијата со која е предвидено предвидува подобрување на условите за работа на судиите и јавните обвинители, распределба на судските предмети без надворешни влијанија, избор и унапредување на судии и на јавни обвинители според повисоки законски критериуми и бројни измени во законската регулатива. Со овие измени се адресираат голем број од забелешките во извештаите на Рајнхард Прибе.

Во однос на СЈО, конечна одлука се` уште нема. Со стратегијата се предвидува продолжување на работа на оваа институција во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) со автономна надлежност проширена и со гонење на кривични дела од висок профил на корупција (white collar crime).

„Заради постојното законско решение кое се однесува на мандатот за постапување на СЈО, а имајќи ги предвид бројноста и сложеноста на предметите во надлежност на ова обвинителство, потребно е да се создадат законски предуслови за продолжување на неговата работа како посебно одделение во рамките на ЈОРМ. Тргнувајќи од постојната кадровска и техничка екипираност на СЈО, неговата надлежност како посебно одделение во рамките на ЈОРМ треба да биде проширена и со гонење на кривични дела од висок профил на корупција. Ваквата организациска поставеност на ЈО, надополнето со посебното специјализирано одделение ќе биде проследена и со соодветна организација во рамките на судството“, стои во нацрт-стратегијата.

Од СЈО досега без конкретен став околу најавите дека би се вратиле во Јавното обвинителство како посебно одделение. Шефот на тимот Катица Јанева, во речиси сите настапи пред јавноста, го потенцираше само проблемот со временскиот рок за поднесување на обвиниенија. Тоа го повтори и Ристоска.

„Се согласувам дека роковите се нашиот најголем непријател но треба да знаеме дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) води и голем број предистражни и истражни постапки. Имаме и меѓународни предистражни постапки кои бараат повеќе време и во таа смисла треба да се има предвид времето за донесување на конечни одлуки на СЈО“, изјави Ристоска.

Од друга страна пак, заменик-јавниот обвинител Воислав Гавровски, смета дека мора да се внимава со трансформацијата на СЈО, а клучно е да се разграничат надлежностите на Специјалното и на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните, претставува првото поглавје кое се отвора во преговорите со Европската Унија, заедно со Поглавјето 24.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG