Линкови за пристапност

Ситуацијата во Газа се влошува од час во час, вели СЗО


Израелските бомбардирања се интензивираат на југот на палестинската енклава
Израелските бомбардирања се интензивираат на југот на палестинската енклава

Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) во Газа изјави дека ситуацијата се влошува од час во час, како што израелските бомбардирања се интензивираат на југот на палестинската енклава.

„Ситуацијата се влошува од час во час“, рече Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО во Газа, на новинарите преку видеоврска.

„Има засилено бомбардирање наоколу“.

Пиперкорн рече дека хуманитарната помош што стигнува до Газа е „премалку“ и рече дека СЗО е длабоко загрижена за ранливоста на здравствениот систем во густо населената енклава, бидејќи повеќе луѓе се движат подалеку на југ за да избегаат од бомбардирањето.

„Ќе бидеме сведоци на истиот модел на она што се случи на север“, рече тој, мислејќи на областа во северна Газа која беше силно бомбардирана и речиси отсечена од хуманитарни резерви.

„Тоа не може да се случи... Сакам да ја истакнам оваа точка многу јасно дека гледаме на зголемена хуманитарна катастрофа“.

Томас Вајт, директор на агенцијата на ОН за палестински прашања во Газа, рече дека населението од повеќе од 600.000 добило наредба да се пресели за да го избегне бомбардирањето.

„Рафах, кој вообичаено има население од 280 илјади и веќе е домаќин на околу 470 илјади внатрешно раселени лица нема да се справи со двојно зголемување на бројот на внатрешно раселени лица“, напиша Вајт на платформата на социјалните мрежи Х.

Џејмс Елдер, портпарол на Детската агенција на Обединетите нации, УНИЦЕФ, рече дека областите на Газа кои Израел ги назначи како безбедни не ги исполнуваат основните барања, предупредувајќи дека отсуството на санитарни услови и засолниште создадле „совршена бура“ за појава на болести.

„Тоа е безбедна зона кога можете да ги гарантирате условите за храна, вода, лекови и засолниште“, им рече тој на новинарите преку видеоврска од Каиро по посетата на Газа.

„Само прекин на огнот ќе ги спаси децата од Газа во моментов“, и го нарече израелскиот пристап за создавање на овие зони „безобразен и студен“.

Пиперкорн од СЗО рече дека агенцијата се придржувала на израелската наредба да ги отстрани залихите од магацините.

Тој рече дека на СЗО ѝ било кажано дека областа „најверојатно ќе стане област на активна борба во наредните денови“.

„Сакаме да бидеме сигурни дека навистина можеме да испорачаме основни медицински материјали“, рече тој.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во понеделникот апелираше до Израел да ја повлече наредбата. Израел негираше дека побарал евакуација на магацините.

XS
SM
MD
LG