Генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Геит отфрли каков било план за раселување на Палестинците од појасот Газа, велејќи денес дека таквото преселување би било „неприфатливо“.
Тој изјави на самитот на светските влади дека предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да премести околу 2 милиони Палестинци од разорената од војна во Газа ќе го турне регионот во циклус на кризи со „штетен ефект врз мирот и стабилноста“.
„Тоа е неприфатливо за арапскиот свет, кој се бори со оваа идеја 100 години“, рече тој.
Јорданскиот крал Абдула Втори по разговорите вчера со Трамп изјави дека ја повторил „цврстата позиција на неговата земја против раселувањето на Палестинците во Газа и на Западниот Брег“.
„Обновата на Газа без раселување на Палестинците и справувањето со страшната хуманитарна ситуација треба да биде приоритет за сите“, рече Абдула на Икс.
Тој ја истакна, како што рече, „инструменталната“ улога на Трамп во обезбедувањето примирје во Газа и ги повика САД и сите засегнати страни да обезбедат запирање на борбите.
Трамп разговараше за план според кој САД ќе ја преземат Газа и Палестинците нема да имаат право да се вратат.
Другите земји во регионот, вклучувајќи ги Египет и Саудиска Арабија, ја отфрлија идејата.
Статусот на прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас беше доведен во прашање денес поради спорот во врска со следното планирано ослободување на заложниците од Газа закажано за в сабота.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека доколку до сабота не бидат ослободени повеќе заложници, тогаш израелската војска „ќе се врати во интензивни борби додека Хамас конечно не биде поразен“.
Нетанјаху предупредува дека прекинот на огнот во Газа ќе заврши доколку заложниците не се ослободат.
Трамп претходно предложи откажување на договорот за прекин на огнот доколку сите заложници не бидат ослободени до сабота.
Трамп ги даде своите забелешки во понеделникот, откако Хамас го обвини Израел за прекршување на примирјето и се закани дека ќе го одложи ослободувањето на тројцата заложници кои требаше да бидат ослободени во сабота.
Официјален претставник на Хамас вчера рече дека единствениот начин за ослободување на заробениците е да се почитуваат условите на примирјето.
Хамас, означен од САД како терористичка група, исто така, рече дека Палестинците биле цел на „воздушни напади и пукање низ различни области“ и рече дека Израел не успеал „да го олесни влезот на хуманитарна помош како што е договорено“.
Официјален претставник на Обединетите нации рече дека 12.600 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа од почетокот на прекинот на огнот и дека непосредната закана од глад исчезнала.
Откако стапи на сила прекинот на огнот минатиот месец, Хамас ослободи 21 заложник, а Израел ослободи повеќе од 730 затвореници.
Следната размена в сабота бара ослободување на уште тројца Израелци во замена за стотици палестински затвореници во Израел.
Во Париз, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, го повика Хамас да се придржува до планираното ослободување на заложниците.
„Мораме по секоја цена да избегнеме обновување на непријателствата во Газа што би довело до огромна трагедија“, рече тој.
„Апелирам до Хамас да продолжи со планираното ослободување на заложниците следната сабота“.
„Двете страни мора целосно да се придржуваат до своите обврски во договорот за прекин на огнот и да продолжат со сериозните преговори во Доха за втората фаза“, рече Гутереш.
Војната во Газа беше поттикната од нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе и доведе до земање на 250 заложници.
Според локалните здравствени власти, во контраофанзивата на Израел загинаа повеќе од 48.200 Палестинци, повеќе од половина од нив жени и деца.
Израел вели дека бројката на загинати вклучува 17.000 милитанти што ги убила.
Некои информации во текстот се од АП, агенцијата Франс-прес и Ројтерс