Линкови за пристапност

Северна Кореја вели дека Тревис Кинг бара засолниште од расизам и малтретирање во САД


Пентагон соопшти дека не може да ги потврди коментарите на Кинг и оти останува фокусиран на неговото безбедно враќање
Пентагон соопшти дека не може да ги потврди коментарите на Кинг и оти останува фокусиран на неговото безбедно враќање

Северна Кореја заклучи дека Тревис Кинг сака засолниште таму или во друга земја поради „нечовечко малтретирање и расна дискриминација“ во САД и војската, објавија државните медиуми - првото јавно признание на Пјонгјанг за преминувањето на Кинг од Јужна Кореја на 18 јули.

Американските власти рекоа дека веруваат оти Кинг намерно ја преминал границата и досега одбиваат да го класифицираат како воен заробеник.

Севернокорејските истражители, исто така, заклучија дека Кинг преминал намерно и нелегално, со намера да остане на таму или во трета земја, објави државната новинска агенција.

„За време на истрагата, Тревис Кинг призна дека одлучил да дојде во Северна Кореја бидејќи имал лошо чувство против нечовечко малтретирање и расна дискриминација во армијата на САД“, објави државната новинска агенција.

„Тој, исто така, ја изрази својата подготвеност да биде бегалец во Северна Кореја или во трета земја, велејќи дека е разочаран од нееднаквото американско општество“.

Државната новинска агенција соопшти дека Кинг бил „држан под контрола од војниците на Корејската народна армија“ по неговото преминување и оти истрагата е сè уште активна.

Вујкото на Кинг, Мајрон Гејтс, претходно во август изјави за Еј-Би-Си Њуз дека неговиот внук доживеал расизам за време на неговото воено распоредување, а откако поминал одредено време во затвор во Јужна Кореја, тој не звучел како себе.

Американските власти досега рекоа дека Северна Кореја не дала суштински одговори на нивните барања за информации за Кинг.

Пентагон соопшти дека не може да ги потврди коментарите на Кинг и оти останува фокусиран на неговото безбедно враќање.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар.

Портпаролот на командата на Обединетите нации, која го надгледува граничното село каде што преминал Кинг, рече дека нема што да додаде на претходните изјави.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG