Линкови за пристапност

Нема одговор од Северна Кореја за војникот што ја помина границата, велат САД


Американските власти велат дека Северна Кореја допрва треба да одговори на нивните напори да разговара за американскиот војник кој ја помина милитаризираната граница на Кореја, иако му беше наредено да се врати во САД за да се соочи со можна дисциплина и отпуштање од војската.

Од непознати причини, војникот Тревис Кинг влегол во Северна Кореја додека бил на цивилна турнеја низ демилитаризираната зона во вторникот, еден ден откако требало да замине во воена база во САД.

Кинг минатата недела бил ослободен од јужнокорејски затвор, откако одлежал речиси два месеца поради напад.

Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека претставници на Пентагон безуспешно се обиделе да стигнат до колегите во севернокорејската народна армија.

Шведските дипломатски претставници во минатото обезбедувале конзуларни услуги за Американците во справувањето со Северна Кореја, но, наводно, не се вратиле во земјата откако Пјонгјанг им нареди на странците да ја напуштат земјата на почетокот на пандемијата на ковид-19.

Во моментов нема познати, активни дијалози меѓу Северна Кореја и САД или Јужна Кореја.

САД и Северна Кореја се бореа за време на Корејската војна од 1950 до 1953 година и сè уште се технички во војна, бидејќи тој конфликт заврши со примирје, а не со мировен договор.

Тие немаат дипломатски врски.

Дел од информациите се од АП

XS
SM
MD
LG