Линкови за пристапност

Православна црква во средиштето на тензиите во Косово


Едногодишната Косовска војна беше последна во серијата балкански конфликти во 1990-тите години. Но и покрај ставањето крај на војната етничките тензии во регионот останаа.

Верници патуваат по шест часа од Белград до поранешната српска покраина Косово за да се помолат во црква што е една од најпочитуваните српски православни цркви во светот. Високи Дечани потекнува од 14-тиот век.

Таму се наоѓа гробот на кралот Стефан Дечански кој Србите го сметаат за „свет владетел“.

„Јас дојдов од Белград, но моите корени се од овде, мојот татко е од село кое се наоѓа во близина. Нашата нација е стара, затоа ова многу ни значи“, вели Јелена, српска државјанка.

Оваа српска православна црква е опкружена од етнички Албанци и беше нападната за време на Косовската војна во 1998-1999 година. Интервенцијата на НАТО, под водство на САД стави крај на конфликтот.

Црквата останува извор на иритација за ултра националистите косовски Албанци, а мировници предводени од НАТО и натаму ја штитат оваа локација.

Ова е отецот Сава Јањиќ:

„Со векови места како овој манастир, како и некои други вредни манастири на Косово одиграле значајна улога во зачувувањето на верскиот и културниот идентитет на нашиот народ низ турбулентните времиња“.

Косово прогласи независност во 2008-та година и покрај негодувањето на Белград. Ако овде повторно избие етнички конфликт, ова црква ќе се најде на средината

„Од 1999-та година имавме три минофрлачки напади, и еден напад со ракетен фрлач“, вели Отец Јањиќ.

Претседателите на Србија и Косово разговарале за промени на границите, во обид да постигнат историско решение за постигнување на мир.

Според договорот за размена на територии, Србија би била проширена на југ за да ги вклучи Србите од северниот дел на Косово. За возврат, Косово би добило области населени со етнички Албанци кои сега се во Србија.

Повеќето европски лидери се спротивставуваат на било какви било промени на границите на Балканот, стравувајќи од повторното етничко насилство.

Српските ултра националисти исто така категорично се спротивставуваат.

Воислав Шешељ, лидер на Српската радикална партија вели:

„Можат да имаат само највисоко ниво на автономија. Ние нема да ја признаеме нивната независност“.

Србите и косовските Албанци се разидуваат во тоа како да го остават етнички конфликт зад нив. Мапата на Балканот што личи на слагалка со мали парчиња – дополнително одмага.

XS
SM
MD
LG