Линкови за пристапност

Обама и Конгресот упатени кон нов буџетски конфликт


Претседателот Барак Обама и републиканците во Конгресот се на пат да ги вкрстат копјата по прашањето на буџетот што инволвира 85 милијарди долари во задолжителни скратувања кои стапуваат во сила на 1 март, доколку законодавците не најдат друг начин да се намали дефицитот.

Во август 2011, претседателот Обама предложи задолжителни буџетски скратувања како начин да се иницира акција за намалување на дефицитните трошоци за над еден трилион во текот на десет години.

Поголем дел од аналитичарите предвидуваа дека Конгресот се согласил на ова заради верување дека задолжителните скратувања никогаш нема да се случат и дека законодавците ќе најдат компромис за друг пакет скратувања на време да се одложи она што тие го викаат „касапење“.

Но компромисот не дојде во поларизираната политика на Вашингтон и претседателот Обама ги предупреди законодавците и јавноста за последиците од кратењето во неговото неодамнешно обраќање за состојбата на нацијата.

„Тие ќе ги уништат приоритетите како образованието, енергијата и медицинските истражувања. Тие секако ќе го забават нашето опоравување и ќе чинат илјадници работни места.“

Републиканците цврсто стојат на своето, вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дом, конгресменот од Охајо, Џон Бенер:

„Секвестерот ќе биде во сила додека има скратувања и реформи што ќе не` стават на пат за балансиран буџет во наредниве десет години, точка!“

Аналитичарите велат дека конзервативците сега гледаат на овие кратења како на најдобар начин да се направи забележлива разлика во владините трошоци. Норм Орнстаин од Американскиот ентерпрајз институт беше гостин на програма во Гласот на Америка:

„Многу конзервативци, во и надвор од Конгресот, велат - нека биде, зашто нема да имаме големи намалувања на ниеден друг начин. Голема работа што ќе боли. Тоа треба да се случи.“

Орнстаин вели дека републиканците преземаат ризик со поддржување на скратувањата и директно предизвикувајќи го претседателот Обама кусо време откако беше реизбран минатиот ноември.

„Претседателот има подобри карти во рака. Неговиот мандат е висок. Рејтингот на Конгресот е низок и републиканците во Конгресот имаат особено низок рејтинг. Американците не сакаат овие работи да се случуваат“.

Скратувањата ќе имаат влијание на меѓународната хуманитарна и армиска помош и може да ги разлути сојузниците, вели аналитичарот Џим Аркедис од Институтот на прогресивна политика:

„Мислам дека светот е веројатно малку фрустриран, а особено државите кои очекуваат да добијат американска помош, сеедно дали хуманитарна или воена, или некоја помош за помагање на демократијата. Сите се веројатно многу нервозни.“

Ниедна од страните како да не се брза да стори нешто за избегнување на автоматските скратувања. Републиканците на ова гледаат како на единствен начин вистински да се намалат владините трошоци. Демократите веруваат дека со тоа ќе се здобијат со политички поени зашто јавноста главно ќе ги обвинува републиканците за секое пореметување на владините услуги кои би произлегле од скратувањата.
XS
SM
MD
LG