Линкови за пристапност

Секој што се става над Уставот не треба биде претседател на САД, рече Пенс


Обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за обиди да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година, предизвика реакција низ целиот политички спектар, вклучително и од неговиот потпретседател во тоа време Мајк Пенс, кој рече дека „секој што се става себеси над Уставот никогаш не треба биде претседател на САД“.

Обвинението опишува серија настани по изборите во ноември, кои кулминираа со нападот на Капитолот на САД на 6 јануари 2021 година од страна на поддржувачите на Трамп.

Во обвинението се вели дека многумина од „големата и лута толпа“ биле измамени од Трамп да верувале дека Пенс може да ги промени изборните резултати.

Меѓу оние кои беа задолжени да го бранат Капитол од толпата беше и полицаецот Хари Дан, кој во изјавата објавена од неговиот адвокат рече:

„Сè што сакав од првиот ден е одговорност и правда за мажите и жените за спроведување на законот кои храбро се бореа на 6 јануари“.

„Уверен сум дека нашиот правен систем ќе се справи со овој случај правилно“, рече тој.

Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот Чак Шумер и лидерот на демократите во Претставничкиот дом Хаким Џефрис, рекоа во заедничка изјава дека обвинението „ќе стои како остар потсетник за генерациите Американци дека никој, вклучително и претседател на САД не е над законот“.

Поранешната спикерка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, чија канцеларија беше ограбена од толпата на 6 јануари, во изјавата рече дека како што се одвива правниот процес, „правдата мора да се спроведува според фактите и законот“.

„Обвиненијата се многу сериозни и тие мора да се одвиваат низ правниот процес, мирно и без никакво надворешно мешање. Како и секој обвинет за криминал, поранешниот претседател е невин додека не се докаже вината“, рече Пелоси.

Републиканските лидери велат дека обвиниението е форма на политичко мешање пред претседателските избори во 2024 година на кои демократскиот претседател Џо Бајден бара реизбор, а Трамп останува водечки кандидат за Републиканската партија.

Тие, исто така, го спомнаа синот на Бајден, Хантер, тековните конгресни истраги за деловните зделки на Хантер Бајден и критиките за договорот за признавање вина за даночно затајување.

„Сите во Америка можеа да видат што ќе следи следно: обидот на Одделот за правда да го одвлече вниманието од вестите и да го нападне фаворитот за републиканската номинација, претседателот Трамп“, рече претседателот на републиканскиот Претставнички дом Кевин Мекарти во изјавата.

„Републиканците во Домот ќе продолжат да ја откриваат вистината за Бајден и двостепениот систем на правдата“.

Дел од информациите се од АП и Ројтерс

XS
SM
MD
LG