Линкови за пристапност

Се отвора пат за Сергеј Лавров да дојде во Скопје


Владата вели дека донела одлука со која се дозволува рускиот авион да слета, но дека за тоа да се случи ќе треба одобрение од „надлежните министерства“
Владата вели дека донела одлука со која се дозволува рускиот авион да слета, но дека за тоа да се случи ќе треба одобрение од „надлежните министерства“

Се отвора пат за рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ наредната недела во Скопје.

Тој заклучок се наметнува од денешната одлука на владата да се тргне забраната за слетување на руски државни воздухоплови во земјава. Но, соопштението за заклучоците од седницата не дојде од владата, туку од МНР.

„На денешната седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно или 100% усогласена. Преку ова дополнување, Влада им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година. Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции“, пишува во соопштението од МНР.

Со ваквата одлука на владата фактички се отстранува пречката за државен руски авион да слета во Скопје токму во периодот во кој ќе се одржува собирот на ОБСЕ.

Но, владата, според тоа што го вели МНР, ги овластува „надлежните министерства“, најверојатно одбрана и МНР, да дадат формална согласност за државниот авион на Руската Федерација да може да прелета над и да слета во земјава.

Владата ја симна забраната за слетување руски авион
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Ова внесува дополнителна конфузија за тоа дали Лавров дефинитивно ќе присуствува на Министерскиот совет зашто владата вели дека донела одлука со која се дозволува рускиот авион да слета, но дека за тоа да се случи ќе треба одобрение од „надлежните министерства“.

Истовремено, надлежните се` уште не даваат официјална потврда дека во Скопје ќе допатува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен иако неговото доаѓање е речиси извесно.

Ако тоа се случи и ако Лавров навистина ја предводи руската делегација на собирот на ОБСЕ тоа ќе значи дека првиот американски и руски дипломат ќе се најдат на иста маса токму во Скопје.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој е и претседавач со ОБСЕ, неколкупати изјави дека „се надева дека ќе се успее во тоа сите министри на земјите членки на организацијата да бидат присутни во Скопје“.

XS
SM
MD
LG