Линкови за пристапност

Се надевам дека до следниот понеделник ќе има прекин на огнот во Газа, кажа Бајден


Завојуваните страни се чини дека се близу до договор за време на преговорите во Катар, кои, исто така, имаат за цел да обезбедат ослободување на заложниците
Завојуваните страни се чини дека се близу до договор за време на преговорите во Катар, кои, исто така, имаат за цел да обезбедат ослободување на заложниците

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека се надева оти ќе започне прекин на огнот во конфликтот Израел-Хамас во Газа до следниот понеделник, како што завојуваните страни се чини дека се близу до договор за време на преговорите во Катар, кои, исто така, имаат за цел да обезбедат ослободување на заложниците.

Бајден рече дека се надева оти прекинот на огнот ќе започне во рок од неколку дена.

„Па, се надевам дека до почетокот на викендот, до крајот на викендот“, рече тој, на прашањето кога очекува да започне прекин на огнот.

„Мојот советник за национална безбедност ми кажа дека сме блиску. Блиску сме. Сè уште не сме готови. Се надевам дека до следниот понеделник ќе имаме прекин на огнот“, им рече Бајден на новинарите за време на посетата на Њујорк.

Американски официјален претставник рече дека американските преговарачи напорно притискале да постигнат договор за пауза за ослободување на заложниците до почетокот на Рамазан на 10 март, и оти највисоките американски претставници работеле на ова прашање минатата недела.

Изгледа дека оптимизмот произлезе од средбите меѓу Израелците и Катарците, рече претставникот.

Јавно, Израел и Хамас продолжија да заземаат многу различни позиции за можно примирје, истовремено обвинувајќи се едни со други за одложување.

По средбата со катарскиот емир шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, Исмаил Ханије, шеф на Хамас, рече дека неговата група ги прифатила напорите да се најде крај на војната и го обвини Израел за застој додека газаните умираат под опсада.

„Нема да дозволиме непријателот да ги користи преговорите како параван за ова злосторство“, рече тој.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел е подготвен за договор и дека на Хамас е да се откаже од барањата што тој ги опиша како „од друга планета“.

„Очигледно, ние го сакаме овој договор ако го постигнеме. Тоа зависи од Хамас. Навистина сега е нивна одлука“, изјави тој за „Фокс њуз“.

„Тие мора да се сведат на реалноста“.

Кабинетот на Ал Тани соопшти дека тој и шефот на Хамас разговарале за напорите на Катар да посредува за „итен и постојан договор за прекин на огнот во појасот Газа“.

Извор претходно изјави за Ројтерс дека израелска работна делегација допатувала во Катар за да создаде оперативен центар за поддршка на преговорите.

Нејзината мисија ќе вклучува проверка на предложените палестински милитанти кои Хамас сака да се ослободат во договорот за ослободување заложници, рече изворот.

Израел продолжува да тврди во јавноста дека нема да ја прекине војната додека Хамас не се искорени, додека Хамас вели дека нема да ги ослободи заложниците без договор за завршување на војната.

Израел е под притисок од својот главен сојузник САД да се договори за примирје наскоро, за да го спречи нападот врз Рафа, градот во јужниот дел на Газа каде се засолнети над половина од 2,3 милиони жители на енклавата, за кој Вашингтон стравува дека може да доведе до крвопролевање.

XS
SM
MD
LG