Членовите на Централниот одбор на СДСМ едногласно му дадоа одврзани раце на раководството и на претседателот на партијата Зоран Заев, од понеделник да почне да ги „детонира бомбите“ со кои се заканува веќе неколку месеци и да ги објави доказите за наводните злоупотреби и криминални активности на Владата и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа започнува проектот „Вистината за Македонија“,во којшто, според СДСМ, се содржани бројни докази за злоупотреби на власта преку користење на инструменти на државниот систем, прислушкувања, лажирања на изборите, но и други криминални акти кои наводно ги вршеле членови на Владата.
Неодамна, во акцијата „Пуч“ беа осомничени опозициониот водач Заев, поранешниот прв контраразузнувач Зоран Верушевски и неговата сопруга, како и еден вработен во Општина Струмица, каде Заев е градоначалник, и тоа за шпионажа и соработка со странски служби којашто резултирала со наводното уценување на премиерот Никола Груевски со компромитирачки материјали.
На вечерната седница, којашто дел од медиумите ја прогласија за историска, 112 членови на Централниот одбор на СДСМ едногласно решија да бидат објавени наводно компромитирачките материјали, за да бидат известени и македонската и меѓународната јавност. Заев и претходно во јавни настапи најавуваше дека ќе почнат да се објавуваат доказите за наводниот криминал. Но, неофицијално, во кулоарите на седницата се најавувала и можност - избраните пратеници на СДСМ да се вратат во парламентот, за од говорница да ги елаборираат наводните докази за криминалoт на политичките противници.