Линкови за пристапност

Меѓу казнивото со закон и објавувањето во јавен интерес


Новинарските здруженија за ставот на Обвинителството во врска со снимката од разговорот Груевски - Заев

Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија го отфрли предупредувањето во соопштението на Основното јавно обвинителство во врска со снимката од разговорот меѓу премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев, дека „објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон“.

Според новинарскиот синдикат, новинарите коишто поседуваат материјали за „потенцијален судир на интереси, за погрешно информирање на јавноста преку изјави или постапки на службени лица, организации или власти, за неетично или незаконско однесување на функционери, за злосторства или сериозни прекршувања на закон..., имаат професионална обврска да ги објават“, затоа што фундаменталниот принцип на новинарството е информирање во јавен интерес и почитување на уставното право на јавноста да знае.

Според синдикалците, се работи за кредо на професијата, без оглед на мислењето на останатите, па дури и на актуелната власт, па затоа, новинарите „имаат не само право, туку и обврска да откриваат информации за кривични дела и да попречат заведување и манипулирање на јавноста од позиција на моќ“.

Обвинителството се` уште не излегува со информација за јавноста по чија наредба бил сниман кабинетот на премиерот и дали контроверзните снимки коишто ги објави ТВ Сител, а потоа и каналот Јутјуб, биле обезбедени со законски определена употреба на посебни истражни мерки кон водачот на опозицијата, или пак Зоран Заев бил незаконски прислушкуван кога разговарал со премиерот. Па сепак, дел од медиумите пренесоа став на Обвинителство дека предупредувањето дека „објавувањето на материјали коишто може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон“ произлегува од одредбите коишто предвидуваат тајност во постапката, што се содржани во Законот за кривична постапка (член 289 и 299) и Законот за јавно обвинителство (член 8 став 3).

И Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, потенцираше дека новинарите имаат должност да објавуваат точни информации, да не фалсификуваат и да не сокриваат документи, како и дека јасните правила од Новинарскиот кодекс се засновани врз правото на слободата на говорот.

„Новинарот ќе ги почитува законите на државата, но нема да објави или сокрие нешто што е во спротивност со јавниот интерес. Мислам дека овие принципи се доволни за нашите членови да не згрешат да не се посрамотат пред јавноста кога ќе треба да известуваат за оваа или за друга афера“, изјави Селмани за „24 Вести“.

Покрај претседателот Селмани, се огласи и самото Здружение, со став дека „ваквото однесување на Обвинителството е бесмислено затоа што дрско бара да се укине улогата на медиумите како коректив на властите во едно демократско општество. Обвинителството со заканите кон новинарите ги загрозува уставните права и слободи на новинарите и граѓаните. Го потсетуваме Обвинителството дека македонскиот Устав е многу јасен. Тој во член 16 забранува цензура и ја гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање како и слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации“.

ЗНМ тврди и дека предупредувањето на Обвинителство не е засновано на закон: „Не постои таков закон во Македонија што му дава право на обвинителот да воведува цензура за објавување на материјали кои што откриваат кривични дела. Обвинителството може да повика да не се објавуваат материјали за истрага која е во тек, меѓутоа да се бара необјавување на материјали што можат да бидат предмет на кривична постапка е рамен на апсурд и претставува тешка злоупотреба на институцијата“.

Центарот за развој на медиуми излезе со став дека новинарите не се одговорни за начинот на кој нивните извори ги добиле податоците, вклучително и податоци што произлегуваат од неовластено следење на комуникациите.

„ЦРМ ги повикува новинарите во известувањето за случајот „Пуч“ да не го запостават јавниот интерес и потсетува дека праксата на Европскиот суд за човекови права ги ослободува новинарите од одговорност за објавување тајни или лични податоци и информации, доколку новинарите во добивањето на информациите не прекршиле некој закон или правило“, се вели во соопштението на ЦРМ.

Единствен исклучок беше Македонската асоцијација на новинари, којашто го поддржа Обвинителството, апелирајќи да не се објавуваат материјали од тајно снимени и прислушкувани разговори, иако најголемиот дел од членството на оваа асоцијација се новинари во медиумот (ТВ Сител) којшто прв ја објави контроверзната снимка од разговорот во кабинетот на премиерот.

На оваа тема денес се огласи и опозицијата. Според портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, забраната на Обвинителството не се однесува на медиумите и новинарите коишто ќе ги објават доказите што СДСМ ќе ги презентира. „Сметаме дека свесно конфузното соопштение на Јавното обвинителство не е ништо друго освен јалов обид да се спречи објавувањето на доказите и документите за криминалното владеење на Никола Груевски и неколкумина поединци околу него. Законот за кривична постапка не забранува објавување материјали што можат да бидат предмет на натамошна постапка“, потенцираше Шилегов.

XS
SM
MD
LG