Линкови за пристапност

Дали младите симпатизери на Берни Сандерс се иднината на Демократската партија?


Предлозите на претседателскиот кандидат се дел од, како што ја нарекува самиот, „политичката револуција“ во земјата.

Доколку деновиве ги посетувате само собирите на Берни Сандерс, веднаш ќе почувствувате: 74-годишниот сенатор од Вермонт е мошне популарен меѓу младите луѓе.

Со директниот и искрен начин на однесување, овој демократски претседателски кандидат, помалку неочекувано привлече голем број млади, полетни и прогресивни лица во неговата кампања.

Доаѓаат да го слушнат Сандерс практично со истиот говор. Тој вели дека државните универзитети треба да бидат бесплатни, повикува на универзален здравствен систем. Се залага за удвојување на минималната надница. Ветува дека ќе ги подели големите банки.

Предлозите се дел од, како што ја нарекува Сандерс, „политичка револуција“, самоизведена демократска социјалистичка визија, којашто на многу начини фундаментално би реструктуирала како американската влада се поврзува со својот народ.

Очигледно е дека кампањата на Сандерс е дијаметрално спротивна со онаа на поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон, како во политиката, така во пристапот.

Клинтон, која во моментов има помногубројна поддршка кај делегатите, најверојатно ќе ја добие номинацијата од редовите на Демократската партија.

Меѓутоа, не е потребно многу пребарување по анкетите за да се увиди нешто што е повеќе од јасно: младите демократи, особено оние од генерацијата милениумци, го преферираат Сандерс наместо Клинтон.

Веќе со месеци, Сандерс ја има поддршката меѓу лицата на 18 и 29-годишна возраст и тоа со 70 проценти, споредено со околу 30 проценти за Клинтон, според податоци на Ројтерс.

Според испитувањата на јавното мислење, неговата доминантност меѓу помладата популација повторно се покажа за време на најновите прелиминарни избори во Висконсин, коишто ги доби со помош на неверојатните 82 процента помош меѓу населението на 18 и 29-годишна возраст.

Огромната популарност на Сандерс меѓу младите гласачи го поставува прашањето: Дали неговите демократски социјалистички идеи ја претставуваат иднината на Демократската партија?

Еден од поважните фигури во американската политичка левица, Ноам Чомски, смета дека тоа е сосема можно. Тој вели дека подемот на Сандерс го претставува враќањето на Демократската партија од средината на 20-от век, којашто беше многу полиберална од онаа денес.

Чомски кој се идентификува како либерален социјалист се осврнува на домашните програми за помош во рамки на „Новиот договор“, а коишто беа на сила во 30-те години од тогашниот претседател Френклин Рузвелт. „Новиот договор“, кој е одговор на Големата депресија, помогна да се воведат бројни владини програми за помош, како оние за социјална помош за постарите, мошне популарни меѓу гласачите ширум политичкиот спектрум.

И натаму има поддршка за проширување на овие програми, вели Чомски, но одбива да предвиди дека подемот на Сандерс значи дека наскоро во редовите на Демократската партија, ќе се појави организирано демократско социјалистичко крило.

Други тврдат дека бројни млади симпатизери на Сандерс ќе станат поумерени конвенционални демократи, со тек на време, штом ќе подострат и на крајот само ќе ги отфрлат, таканаречените „социјалистички“ погледи од нивната младост.

Но не постојат многу докази што би сугерирале дека тоа може да се случи, вели Џон Сајдс, професор по политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

„Политичките ставови со тек на време само се зацврстуваат“, вели тој, „процесот на стареење главно ги засилува вашите ставови, а не ги придвижува во одредена идеолошка насока“.

Друга причина зошто Сандерс е популарен меѓу младите е факторот на доверба. Според анкета во Висконсин, 82 процента од демократските гласачи, велат дека Сандерс е поискрен и може повеќе да му се верува споредено со Клинтон. Поголем дел од гласачите на овие два фактора им придаваат голема важност.

Потоа, тука е економијата. Младите велат дека честопати кај нив најмногу се одразува слабата економија.

Сандерс ја фокусираше својата кампања на студентите и тукушто дипломираните, со огромни студентски долгови или кои имаат проблеми да најдат соодветна работа.

Уникатноста на политичките ставови на Сандерс, особено за време на избори каде доминира нешто што е надвор од естаблишментот, можно е да е уште еден фактор што влијае на неговата популарност, според одредени аналитичари.

Ниту еден самоопишан „социјалистички“ претседателски кандидат досега нема постигнато ваков успех за време на претседателски избори во САД. Дали тоа може да биде една од причините за тој да биде уште попривлечен кај младите?

Според Питер Харт од Истражувачката организација Харт, бројни млади гласачи можно е да бидат за Сандерс, едноставно затоа што тој претставува нешто што тие никогаш не пробале во животот.

„Постои желба да се погледне што се случува во Америка и да се каже: Потребни се промени. Несреќни сме со статус-квото. Не значи дека со сигурност го знаеме одговорот, но подготвени сме да гледаме наоколу и да бараме решенија“, вели Харт.

Но, што се случува ако Сандерс не ја добие номинацијата од демократите? Дали неговите симпатизери, коишто со голема енергија влегоа во политичкиот процес, повторно се најдоа себеси во ситуација да бидат истрошени и разочарани?

Експертот Гари Соут, вели дека има опасност од создавање на „нереални очекувања“.

„Привлечно е за милениумците и тие во ова влегуваат со голема доза на ентузијазам. Но, нема да се случи“, инсистира Саут. Нема да имаме бесплатен колеџ за сите. Тоа нема никогаш да се случи“.

Сандерс од своја страна на неколкупати потенцираше дека неговата кампања е повеќе од тоа само да стане претседател, туку, како што вели, да се креира движење за социјални промени.

XS
SM
MD
LG