Американски дипломати и воени функционери го интензивираа пристапот до групите кои се натпреваруваат да зацртаат нов курс за Сирија, како и со сириските соседи, во обид да обезбедат падот на режимот на поранешниот претседател Башар Асад да не отстапи место за понестабилна и опасна иднина.
Голем број клучни состаноци се одржаа вчера во Јордан, каде што високи американски дипломатски претставници одржаа консултации со нивните јордански колеги, по слични состаноци еден ден претходно во Доха, Катар.
И американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека се работи на повеќе дипломатски мисии.
„Високи функционери од овој оддел се низ регионот додека зборуваме, работејќи со колегите за тоа како САД можат да помогнат во поддршката на сирискиот народ додека тие сами одлучуваат за својот пат за иднината“, рече Блинкен пред публиката во Стејт департментот вчера.
„Овој момент претставува историска можност, но носи и значителни ризици“, рече тој.
„Историјата покажува колку брзо моментите на ветување можат да се претворат во конфликт и насилство“.
Како доказ за загриженоста на САД, командантот на Централната команда на САД, која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток, исто така се ангажираше со сојузниците во регионот.
Американски претставници вчера, исто така, ја истакнаа потребата од мирна и уредна транзиција во Сирија.
„Сакаме да се увериме дека нашите сојузници се безбедни и сигурни“, изјави заменик-амбасадорот на САД во Обединетите нации Роберт Вуд на новинарите во ОН во Њујорк.
„Сакаме да се погрижиме да нема хуманитарна катастрофа“, рече Вуд.
„Значи, ќе работиме во текот на следните денови и недели за да се обидеме да осигураме дека можеме да обезбедиме сите тие работи да се случат“.
Но, претставници на Стејт департментот и Пентагон предупредуваат дека има доволно причини за загриженост оти надежите за подобра иднина за сирискиот народ би можеле да се распаднат, а разликите ќе доведат до нови бранови на насилство, па дури и до миграции надвор од Сирија.
Тие велат дека иако зборовите и постапките на лидерите на сириските бунтовници, вклучително и Абу Мохамед ал-Голани на Хајат Тахрир ал-Шам изгледаат ветувачки, ветувањата за нова, инклузивна влада ќе бидат ставени на тест ако тензиите меѓу ривалските групи продолжат да вријат или ескалираат.
И претставниците на Стејт департментот рекоа дека Хајат Тахрир ал-Шам, терористичка група означена од САД, која израсна од сирискиот огранок на терористичката група Ал Каеда пред да ги прекине врските, допрва треба да покаже дека заслужува да се отстрани ознаката за тероризам.
Исто така, постои загриженост за терористичката група Исламска држава, која командува меѓу 2.500 и 5.000 борци низ Сирија и Ирак, и која станува се посилна во последните месеци.
Најки Чинг, Маргарет Бешир и Карла Баб придонесоа за овој текст