Линкови за пристапност

САД извршија нови напади врз објект што го користи Иран во Сирија


„Доколку продолжат нападите на полномошниците на Иран против американските сили, нема да се двоумиме да преземеме дополнителни неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, рече Остин
„Доколку продолжат нападите на полномошниците на Иран против американските сили, нема да се двоумиме да преземеме дополнителни неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, рече Остин

САД денес, по вторпат во последните недели, изведоа напади против складиште за оружје во источна Сирија, за кое Пентагон рече дека го користеле Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) и групите поврзани со Иран.

Додека тензиите се зголемуваат околу конфликтот меѓу Израел и Хамас, трупите на САД и на коалицијата беа нападнати најмалку 40 пати во Ирак и Сирија од силите поддржани од Иран од почетокот на октомври.

Четириесет и пет американски војници претрпеле трауматски повреди на мозокот или полесни рани.

Во соопштението, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека нападите биле извршени од два американски ловци Ф-15 и биле одговор на неодамнешните напади врз американските сили.

Остин рече дека нападите врз американските трупи мора да престанат.

„Доколку продолжат нападите на полномошниците на Иран против американските сили, нема да се двоумиме да преземеме дополнителни неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, додаде Остин.

САД имаат 900 војници во Сирија и уште 2.500 во соседен Ирак, во мисија да ги советуваат и помагаат локалните сили кои се обидуваат да го спречат обновувањето на Исламската држава, која во 2014 година зазеде големи делови од двете земји, но подоцна беше поразена.

Постои зголемена загриженост дека конфликтот Израел-Хамас може да се прошири низ Блискиот Исток и да ги претвори американските трупи во изолираните бази во цели.

Претходно во средата, американско беспилотно летало MQ-9 беше соборено во близина на Јемен од движењето Хути, усогласено со Иран.

САД испратија воени бродови и борбени авиони во регионот откако избувна конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, вклучително и два носачи на авиони, за да се обидат да ги одвратат Иран и групите поддржани од Иран.

Бројот на војници додадени во регионот е во илјадници.

Ројтерс објави дека американската војска преземала нови мерки за заштита на своите сили на Блискиот Исток за време на засилувањето на нападите на осомничените групи поддржани од Иран и ја остава отворена можноста за евакуација на воените семејства доколку е потребно.

Мерките вклучуваат зголемување на американските воени патроли, ограничување на пристапот до базните објекти и зајакнување на собирањето разузнавачки информации, вклучително и преку беспилотни летала и други операции за надзор, велат официјалните лица.

XS
SM
MD
LG