Линкови за пристапност

Најмалку 24 напади врз американските сили во Ирак и Сирија


Најмалку пет од овие напади биле извршени откако американските сили нападнаа два објекта во источна Сирија
Најмалку пет од овие напади биле извршени откако американските сили нападнаа два објекта во источна Сирија

Американските сили во Ирак и Сирија биле нападнати со беспилотни летала или ракети најмалку 24 пати во последните денови, вклучително и најмалку три напади во понеделникот, според официјални претставници на американската одбрана.

Најмалку пет од овие напади биле извршени откако американските сили нападнаа два објекта во источна Сирија што ги користеа Корпусот на гардата на исламската револуција на Иран и придружните групи во раните утрински часови во петокот.

Ниту еден од нападите извршени по американските одмазднички напади во петокот не предизвикал жртви или штета, според официјални претставници на одбраната.

Во последниот напад во понеделникот биле употребени повеќе ракети за цел на воздухопловната база Ал Асад во западен Ирак, изјави за Гласот на Америка претставник на одбраната кој сакаше да остане анонимен поради безбедносната чувствителност.

Други повеќеракетни напади биле лансирани против силите во Грин Вилиџ и локацијата за поддршка на мисијата Еуфрат во Сирија.

Портпаролот на Пентагон, биргадниот генерал Пет Рајдер и други официјални лица ги обвинија посредниците поддржани од Иран за речиси секојдневните напади врз американските сили.

„Знаеме дека тоа се милициски групи поддржани од Иран, кои се поддржани од Иран и, се разбира, го сметаме Иран одговорен за овие групи“, рече Рајдер минатата недела.

Запрашан од Гласот на Америка во понеделникот дали неодамнешните напади се знак дека американското одвраќање не функционира, висок претставник на одбраната одговори:

„Целта на Иран долго време беше да присили повлекување на американската војска од регионот. Она што би го забележал е дека сè уште сме таму“.

Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин во изјавата на 26 октомври рече дека „САД нема да толерираат такви напади и ќе се бранат себеси, својот персонал и своите интереси“.

Официјални лица изразија загриженост за изгледите за „позначајна ескалација“ во регионот од иранските прокси групи.

„Прелевањето во Сирија не е само ризик, тоа веќе започна“, изјави Геир Педерсен, специјален пратеник на ОН за Сирија, пред Советот за безбедност на ОН преку видеоконференција.

Нападите од 17 октомври врз американските и коалициските сили резултираа со 17 полесни повреди на Американци во Сирија и четири полесни повреди на американски персонал во Ирак, при што американските власти продолжуваат да ги следат сите потенцијални трауматски повреди на мозокот.

Еден американски изведувач во воздухопловната база Ал Асад во Ирак доживеал срцев проблем додека се засолнувал на место за време на лажна тревога за воздушен напад, а подоцна починал.

Најмалку 19 напади врз американските сили во Ирак и Сирија се случиле помеѓу 17 и 26 октомври, според Пентагон.

XS
SM
MD
LG