Линкови за пристапност

САД го предупредија Иран да не ги таргетира поради нападот во Сирија


Багер ги расчистува урнатините по наводниот израелски напад врз конзулатот на Иран во Дамаск
Багер ги расчистува урнатините по наводниот израелски напад врз конзулатот на Иран во Дамаск

САД денес го предупредија Иран да не им возвраќа за нападот врз комплексот на амбасадата на Иран во Сирија, велејќи му на Советот за безбедност на ОН дека нема претходно предупредување за нападот, за кој Техеран го обвини сојузникот на Вашингтон - Израел.

Нападот во понеделникот, за кој Иран рече дека убил двајца негови генерали и пет воени советници, претставува еден од најзначајните напади досега врз иранските интереси во Сирија, каде Израел ја засили долготрајната кампања против Иран.

„Нема да се двоумиме да го одбраниме нашиот персонал и да ги повториме нашите претходни предупредувања до Иран и неговите полномошници да не ја искористуваат ситуацијата - повторно, напад во кој немавме никакво учество или напредно знаење - за да продолжат со нивните напади врз американскиот персонал“, изјави заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд.

Нападите на посредници, поддржани од Иран, против американските трупи со седиште во Ирак и во Сирија, престанаа во февруари, откако Вашингтон се одмазди за убиството на тројца американски војници во Јордан со десетици воздушни напади врз цели во Сирија и Ирак поврзани со иранската Револуционерна гарда и милициите кои поддржува.

Иран му рече на 15-члениот Совет за безбедност дека го задржува правото „да преземе решителен одговор“ на нападот, обвинувајќи го Израел за кршење на основачката Повелба на ОН, меѓународното право и неповредливоста на дипломатските и конзуларните простории.

„САД се одговорни за сите злосторства извршени од страна на израелскиот режим“, рече заменик-амбасадорот на ОН на Иран Захра Ершади, обвинувајќи ги САД дека се обидуваат да ја дестабилизираат Сирија и регионот и оти го поддржуваат Израел во неговата војна против палестинските милитанти Хамас.

Ершади го повика Советот за безбедност да го осуди нападот врз дипломатските простории на Иран во Дамаск.

Вуд рече дека Вашингтон се` уште нема потврда за статусот на зградата што беше погодена во Дамаск.

„Секој потврден напад на имот кој всушност бил дипломатски објект би бил загрижувачки за САД“, рече тој.

„Дипломатските претставништва и нивниот имот, како и официјалните дипломатски резиденции мора да бидат заштитени, дури и особено во време на вооружени конфликти“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно денес го осуди нападот во Дамаск, повикувајќи ги „сите засегнати да покажат максимална воздржаност и да избегнат понатамошна ескалација“, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик во изјавата.

„Тој предупредува дека секоја погрешна пресметка може да доведе до поширок конфликт во веќе нестабилниот регион, со катастрофални последици за цивилите кои веќе гледаат невидено страдање во Сирија, Либан, окупираната палестинска територија и поширокиот Блиски Исток“, рече Дујарик.

XS
SM
MD
LG