Линкови за пристапност

САД ја објавија последната овластена воена помош за Украина


„Нашата помош беше од клучно значење за поддршка на нашите украински партнери додека ја бранат својата земја и нивната слобода од агресијата на Русија“, рече Блинкен, додавајќи дека оружјето и опремата се обезбедуваат во рамките на претходно насочените повлекувања за Украина
„Нашата помош беше од клучно значење за поддршка на нашите украински партнери додека ја бранат својата земја и нивната слобода од агресијата на Русија“, рече Блинкен, додавајќи дека оружјето и опремата се обезбедуваат во рамките на претходно насочените повлекувања за Украина

Администрацијата на Бајден го објави конечното повлекување на оружје и воена опрема за Украина од американските резерви, според постојното претседателско овластување.

Пакетот вреден 250 милиони долари вклучува муниција за противвоздушна одбрана, дополнителна муниција за високомобилни артилериски ракетни системи ХИМАРС, артилериска муниција од 155 мм и 105 мм и противоклопна муниција, се вели во соопштението на државниот секретар Ентони Блинкен.

„Нашата помош беше од клучно значење за поддршка на нашите украински партнери додека ја бранат својата земја и нивната слобода од агресијата на Русија“, рече Блинкен, додавајќи дека оружјето и опремата се обезбедуваат во рамките на претходно насочените повлекувања за Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби минатата недела изјави дека претседателот Џо Бајден планира уште еден пакет воена помош во декември, но дека помошта потоа ќе бара договор во Конгресот, каде што изгледите за договор се неизвесни.

„Кога тоа ќе заврши нема да имаме повеќе овластувања за надополнување и ќе ни треба Конгресот да дејствува без одлагање“, рече Кирби на 18 декември.

Блинкен го повика Конгресот да дејствува брзо за нова помош за Украина, „да ги унапреди нашите национални безбедносни интереси помагајќи ѝ на Украина да се одбрани и да ја обезбеди својата иднина“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во Вашингтон претходно овој месец за да разговара со американските законодавци за потребите на Украина.

Бајден предложи 61 милијарда долари помош за Украина, заедно со дополнителна воена помош за Израел и Тајван, но легислативата е закочена поради барањата на републиканците, администрацијата да се справи со граничната безбедност.

Лидерите на Сенатот по посетата на Зеленски рекоа дека преговарачите „постигнуваат охрабрувачки напредок“, но „предизвикувачките прашања остануваат“.

Во текот на ноќта во средата, Русија ја нападна Украина со 46 дронови лансирани во неколку бранови, соопшти украинската војска.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната одбрана уништила 32 од беспилотните летала, додека повеќето од останатите биле во можност да нападнат области на фронтот, главно во регионот Херсон.

Воздушниот бараж дојде еден ден откако украински воени авиони оштетија руски брод во Црното Море кај Крим, како што 22-месечната војна влезе во ќор-сокак.

Дел од информациите во текстот се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG