Втора година по ред охриѓани имаат можност да посетуваат бесплатни курсеви по руски јазик. Изучувањето ќе се спроведува на три нивоа, а на крајот од годината ќе добијат и сертификатите за завршен курс.
Рускиот амбасадор, Сергеј Александрович Баздникин, кој присуствуваше на првиот час, вели дека ова не треба да се поистоветува како обид на Русија за поголемо влијание на овие простори, туку како желба на луѓето да се запознаат со руската култура и литература.
„Јас мислам да се сведува изучувањето на рускиот јазик како ширење на руско влијание во Македонија и во современиот свет, значи целосно неразбирање на принципот на изучување на странските јазици во денешниот свет. Како што е познато англискиот јазик е многу застапен и широко се учи во Македонија и во други држави. Но, не верувам дека тоа претставува некој знак за ширење на влијанието на САД во Македонија и во светот“, вели рускиот амбасадор Баздникин.
Оние со кои зборувавме велат дека дошле по сопствена желба.
„Ако ова е обид за културно влијание и за духовно поврзување, нешто што ние и сме, иста вера и ист народ, тогаш и треба да постои вакво влијание. И не гледам зошто не би се проширувало и понатаму“, вели Климе Новески, кој во курсот учестува како слушател.
„Затоа што од секогаш сум бил љубител на руската култура и поради сродноста на нашите јазици. Ова е втор курс кој го посетувам. Ги донесов и моите ќерки да почнат да го слушаат курсот и мислам дека идејата е многу добра“, вели Дејан Алексиќ.
Организаторите од рускиот конзулат велат дека интересот за изучување и годинава бил голем.
„За две години бројот на посетители на курсевите за изучување руски јазик во Охрид и Скопје ја надминува бројката од 2000 посетители што е бројка која заслужува почит. Нема ништо за изненадување, а интересот е онаков каков што има интерес меѓу граѓаните“, вели почесниот конзул на Русија во Македонија, Велимир Стојковски.
„Рускиот јазик не се изучува како дел од наставната програма и поради тоа се обидите и на Амбасадата и на Руската федерација повторно да се актуелизира изучувањето на рускиот јазик и тоа е исклучително добро за граѓаните да познаваат уште еден светски јазик“, вели градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.
Рускиот јазик, за разлика од порано кога се изучуваше како втор странски јазик во училиштата во Македонија, сега е се помалку застапен. Но, руски се изучува во рамките на Рускиот центар при Универзитетот „Кирил и Методиј“ - Скопје, кој е дел од мрежата на 130 руски центри основани од фондацијата Руски мир. Веќе неколку години во Охрид функционира и почесен руски конзулат.
Facebook Forum