Линкови за пристапност

Вашингтон го осуди притворањето демонстранти во Русија


Кремљ ги обвини демонстрантите за провокација, а организаторите за експлоатација на деца

Руски суд го осуди лидерот на опозицијата и антикорупциски блогер, Алексеј Навални на петнаесет дена затвор за давање отпор на полицијата, и му изрече парична казна од 20.000 рубљи (околу 350 долари), за организирање на она што властите го нарекоа незаконски, масовен протест во Москва.

Навални ги отфрли официјалните обвиненија дека демонстрациите во неделата, најголемите анти-владини протести во последниве години, биле нелегални.

„Согласно одлуката на Уставниот суд на Русија, во случај на одбивање, или ако не се предложени алтернативни локации три дена претходно, ние треба да се вратиме на почетното место. Законските барања биле почитувани 100 проценти,“ рекол Навални пред судот, наведува државната новинската агенција ТАСС.

Според новинската агенција Интерфакс, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, во понеделникот кажал дека московските власти понудиле две алтернативни локации на организаторите. „Овие локации беа одбиени. Всушност, луѓето биле намерно наведени да се упатат на неовластени локации. Се разбира, никој не може да се согласи со тоа“, изјавил тој.

Песков демонстрантите ги нарече провокатори кои сакаат да предизвикаат насилство и ги обвини организаторите за искористување на деца, тврдејќи дека многумина биле платени за да присуствуваат, иако не понуди докази.

Адвокатот на Навални најави обжалување на одлуката.

Вашингтон остро го осуди притворањето на демонстрантите, и на Навални.

„Притворање на мирни демонстранти, набљудувачи за човекови права, како и на новинари, е навреда за основните демократски вредности“, кажа во соопштение вршителот на должноста портпарол на Стејт департментот, Марк Тонер.

Тој рече дека САД се загрижени за апсењето на Навални, кој најави планови да се кандидира за претседател на изборите во 2018-та година.

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, кажа дека рускиот народ заслужува влада која ќе поддржува „отворен пазар на идеи, транспарентно и одговорно владеење, еднаков третман пред законот и можност да ги остварат своите права, без страв од одмазда.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG